До: г-ѓа Берта Романо – Николиќ,
Претседател на Еврејската заедница во Република Македонија
Почитувана г-ѓа Романо – Николиќ,
Со особена чест и задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на граѓаните од Еврејската заедница во Република Македонија, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот празник ПЕСАХ.
Деновите на празнување на овој празник се денови во кои секое еврејско семејство го празнува и слави поклонението, но и непокорноста и желбата за слобода на еврејскиот народ. Вредностите кои ги славите во овие денови претставуваат силни универзални вредности бидејќи силната верба, желбата за слобода, љубовта кон својот народ и почитувањето на другите народи се вредности кои ги движеле народите и во историјата, но и во сегашноста.
Истовремено, прославувањето на овој голем празник тука во Република Македонија претставува и симбол на почитта и искреното пријателство помеѓу нашите два народи и признание за придонесот што Еврејската заедница во Република Македонија го има во продлабочувањето и унапредувањето на односите помеѓу Република Македонија и Израел.
Високо ценејќи го Вашиот придонес во развојот на Република Македонија искрено Ви го честитам празникот ПЕСАХ и Ви посакувам убави празнични денови, исполнети со мир, семејна радост и душевен спокој.
Со почит,
Емил ДИМИТРИЕВ,
Претседател на Владата на Република Македонија