Централна богослужба на Плаошник

На најсветлиот ден на Воскресението Христово, денот кога дојде спасението за целиот свет, централната прослава на Дебарско-кичевската епархија се одржа во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, каде беше објавено Воскресението Христово и каде беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

На овој најсветол ден присуствуваше неизброен верен народ, како од Македонија, така и од сите страни на светот, а меѓу присутните беше и Претседателот на собранието на Р. Македонија, Трајко Вељаноски. По објавувањето на најрадосната вест, беше прочитано и Велигденското послание на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, го испрати до сите верни чеда.