Четириесет корисници на социјална помош, поединци или социјално загрозени семејства од Охрид и околината, и оваа година за Велигденските празници добија вредносни ваучери од страна на Здружението на граѓани „Во твоја слава“ од Охрид.
Како и минатата година, Здружението во рамки на своите активности за грижа и помош на лица од ранливите категории, обезбеди вредносни бонови што примателите на помошта ќе можат зависно своите потреби и приоритети да ги реализираат во централната продавница на „Стоп-Шоп“ во Охрид кај Музичкото училиште.
Средствата за активноста на Здружението „Во твоја слава“ што се спроведува до 21 овој месец, се обезбедени по пат на донации од членството, а во акцијата се вклучи и фирмата „Карат“ односно синџирот маркети „Стоп-Шоп“.
Инаку, изборот на лицата на кои им се доделени вредносните бонови е спроведен во координација со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, со цел помошта да ја добијат оние семејства на кои им е најпотребна.
Здружението на граѓани „Во твоја слава“ формирано 2014 година како дел од својата програма предвидува активности насочени кон промоција на хуманоста и во рамки на можностите да помага на граѓаните од регионот и пошироко. Минатата година Здружението потпиша Меморандум за соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, со цел промовирање на активностите насочени за помош на социјално загрозените граѓани од регионот.