Нухиу: На државната и јавна безбедност им е потребен професионализам

„На државната и јавна безбедност им е потребен професионализам. Потребно е сите заедно, без застанување, да се ангажираме и да продолжиме понатаму. Сите заедно да се ангажираме за да поставиме една темелна транспарентност, чекор по чекор, во секој поглед на воспоставувањето на односите помеѓу полицијата и граѓаните, со заедниците и со пошироката јавност“. Ова, меѓу другото, го истакна Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу во своето пригодно обраќање а по повод денешното одбележување на 7-ми Мај, Денот на македонската полиција, што се одржа во кругот на министерството за внатрешни работи.

Министерот Нухиу потенцираше дека “крупните реформи во полицијата ќе мора да продолжат за да бележиме напредок и просперитет, при тоа негувајќи ги вредностите и суштинските стандарди на една професионална, достоинствена и почитувана полиција“.

„Почитувани пријатели, на денот на полицијата на Република Македонија ќе се поклонам пред симболот на оваа значајна државна институција, со длабоко уверување и максимална посветеност дека со нашето заедничко ангажирање, ова институција ќе ја доведеме во параметрите кои се меѓународно признаени за работата на полицијата во услови на едно демократско општество“, нагласи на крајот од своето обраќање министерот Нухиу.

Инаку денешното одбележување на денот на македонската полиција започна со средбата на челните луѓе на МВР на чело со министерот Нухиу со претставници на семејствата на загинатите припадници на македонската полиција и претставници на Македонскиот полициски синдикат .

На централниот дел од свеченоста пред зградата на гранична полиција во кругот на МВР на кој присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, претставници на државни институции, роднини на загинатите припадници на МВР, му претходеше постројувањето на почесниот вод на МВР, интонирањето на државната химна. По официјалното обраќање на министерот Нухиу, тој заедно со државниот секретар на МВР, м-р Сања Димитриевска и помошник на министерот г. Јордан Ламаноски, пред споменикот пред зградата на граничната полиција положија цвеќе оддавајќи им почит на починатите припадници на МВР . Пред споменикот на гранична полиција цвеќе положи и делагција предводена од началникот на ЦПС г.Горан Ѓорѓиевски во придружба на Високи функционери од МВР. Делегација предводена од Државниот секретар м-р Сања Димитриевска во придружба на Директорот на БЈБ м-р Митко Чавков и Директорот на УБК г.Владимир Атанасовски цвеќе положија пред споменикот на зграда бр.1 во МВР заедно со семејстават на загинатите бранители и претседателот на МПС.

Претходно делегации од ЕБР , ЕСЗ, Хеликоптерската единица и членови на здружението на бранителите на Република Македонија во придружба на семејствата на загинатите колеги при МВР положија цвеќе и се поклонија пред спомен обележјата во паркот ,,Жена,, во базата ,,Брест,, и во единиците на ЕБР и ЕСЗ во касарната во Ѓорче Петров и касарната Илинден.

Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Нухиу

Почитувани пријатели,
Почитувани колеги,
Почитувани гости

Дозволете ми да ви го честитам Денот на полицијата!

Ви посакувам успеси, добро здравје и љубов во вашите семејства.

И на овој свечен ден, сакам да потенцирам дека крупните реформи во полицијата ќе мора да продолжат за да бележиме напредок и просперитет, при тоа негувајќи ги вредностите и суштинските стандарди на една професионална, достоинствена и почитувана полиција.

Полицијата треба да гарантира една безбедна средина за сите граѓани.

На државната и јавна безбедност им е потребен професионализам. Потребно е сите заедно, без застанување, да се ангажираме и да продолжиме понатаму. Сите заедно да се ангажираме за да поставиме една темелна транспарентност, чекор по чекор, во секој поглед на воспоставувањето на односите помеѓу полицијата и граѓаните, со заедниците и со пошироката јавност.

Почитувани пријатели, на денот на полицијата на Република Македонија ќе се поклонам пред симболот на оваа значајна државна институција, со длабоко уверување и максимална посветеност дека со нашето заедничко ангажирање, ова институција ќе ја доведеме во параметрите кои се меѓународно признаени за работата на полицијата во услови на едно демократско општество.

Сите заедно да се ангажираме за, што поскоро, целата полиција да се стави во служба на државата и општеството.

На сите нека ни е честит Денот на полицијата.