Секторот за внатрешни работи Охрид, во соработка со полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Струга и подрачното основно училиште „Дедо Лазор Циркоски“ од Враништа, денеска, на регионалниот пат Струга-Дебар кај селото Враништа, реализираа сообраќајно превентивна кампања за зголемена сообраќајна безбедност.
Во рамките на кампањата, учениците од шесто до деветто одделение, излегоа покрај регионалниот пат и високо ги подигнаа многуте испишани едукативни пораки наменети за возачите на патнички возила кои сообраќаат на регионалниот пат. Децата повикаа на максимална внимателност при управувањето на моторните возила, моторциклите, побараа безбедно учество на пешаците и велосипедистите при движење и преминувањето на коловозот и укажаа на неопходноста од свесно и одговорно однесување на сите учесници во сообраќајот.
„Да ги заштитиме децата во сообраќајот; Вози како секое дете на улица да е твое; Вози внимателно биди одговорен; Човечкиот живот нема цена; Намалете ја брзината“, беа само дел од искрените детски транспаренти и пораки што денеска најмладите ги испишаа и високо ги подигнаа да ги видат возачите од своите автомобили. Децата, на возачите им поделија и едукативни флаери со корисни совети за безбедно возење по регионалниот пат каде, за жал во изминатиов период се случени низа сообраќајни незгоди а во некои од нив и со загуба на човечки животи.
Кампањата треба да придонесе, возачите да ја почитуваат пропишаната брзина на движење, да имаат позитивни и трајни сообраќајни безбедносни навики со што ќе се унапреди севкупната безбедност на сообраќајот на регионалниот пат Струга-Дебар. Оваа кампања има за цел и да го подигне нивото на безбедносна култура кај сите категории учесници во сообраќајот, да се подигне општото ниво на свест, совест и одговорност во сообраќајот.