СДСМ: Милошоски да не лицитира како да е на лото, веднаш да се одблокираат процесите за избор на новата Влада и локалните избори!

СДСМ со соопштение до медиумите, во кое стои:

„Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане со политиканство, да престанат лицемерно да лицитираат со датуми за локални избори како да се на лото емисија додека ги оставија граѓаните на цедило без градоначалници! Да престанат да го притискаат Ѓорге Иванов да одолговлекува со давањето мандат за состав на новата Влада и веднаш да ги одблокираат демократските процеси!

Така Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ најдобро ќе помогнат да се обезбеди законска можност за одржување на локалните избори.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ виде што предизвика нивната неодговорност кај граѓаните, дека ги оставија луѓето од понеделник без плати и можноста да ги добијат основните општински услуги. Видоа колкава политичка штета си нанесоа од оваа врвна несериозност и затоа панично се обидуваат да глумат лажна загриженост. Безобразно е тоа кон граѓаните.

Да беше досега избрана новата Влада, немаше да има потреба од денешниот прес на Антонио Милошоски. Да мислеа Груевски, Милошоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните, немаше самите на себе да си реплицираат во Парламентот и да кочат легитимно формираното парламентарно мнозинство да ја формира новата Влада, а знаеја што ги чека граѓаните од 15 мај кога завршува мандатот на градоначалниците и советите. Да беше избрана новата Влада, досега ќе беа распишани и локаланите избори.

Повикуваме чесните и одговорни членови на ВМРО-ДПМНЕ да прифатат дека ВМРО-ДПМНЕ е опозиција и да се постават конструктивно во демократските процеси што водат кон избор на новата реформска Влада, а потоа и распишување на локаните избори.“ – стои во соопштението.