Заев: Груевски тајно се пазарел за името, преговарал Мијалков

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес одржа прес-конференција, на која истакна:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Дојде време јавноста во Република Македонија да ја дознае вистината за лагата врз којашто Никола Груевски го изгради митот за неговиот виртуелен патриотизам. Тој лицемерен патриотизам на Груевски што одзеде 9 години од иднината на Република Македонија и ги зароби една деценија граѓаните во ужасна и мачна безперспективност, додека фамилијата боговски се сместила по рајските земји.

Ајде да се потсетиме на Никола Груевски кој го познаваме.

Цел култ разви овој човек врз овој став, нели? Но, друга е реалноста.

Се пазарел почитувани граѓани и тоа како се пазарел Никола Груевски со уставното име на Република Македонија.

Ова е моментот на големата вистината.

Денеска со вас, внимателно, без да ги загрозиме државните и националните позиции на Република Македонија, без да ги загрозиме дипломатските односи со нашите партнери од меѓународната заедница, ќе ја споделиме вистината што имаат право да ја знаат граѓаните на Република Македонија.

Ова што ќе го слушнете не се информации од преговарачкиот процес што се води под покровителство на Обединетите нации.

Ова се конкретни и јасни докази за класични UDNERGROUND, подземни пазарења во коишто е инволвиран Никола Груевски, со underground посредници од негова доверба во Македонија и посредници од негова доверба од нашиот јужен сосед Грција.

Сите шпекулации биле точни: и кога излегоа информациите дека се водат преговори, тајни преговори без знаење на граѓаните во Македонија, за што предупредувавме, и кога се пишуваше за тајни преговори што се одвиваат надвор од процесот доверен под покровителство на Обединетите нации.

Тогаш кога Никола Груевски обвинуваше дека платеници, соросоиди заговараат промена на уставното име на Република Македонија. Е тогаш навистина се правеле пазари. Но тие пазари ги правела власта.
И тоа, денеска почитувани граѓани, ќе слушнете и кој биле вистинските преговарачи за промена на името на државата.

Не биле тоа официјалните преговарачи на Македонија во Обединетите нации, Никола Димитров или Зоран Јолевски.

Не бил ни тогашниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

Не бил директно дури ни Никола Груевски. Никола Груевски слушал.

За уставното име на Република Македонија под маса, во тајни простории, со познатиот бизнис партнер од Грција на Никола Груевски, човекот кој ја преговараше продажбата на рафинеријата ОКТА, по сите информации заштитениот сведок на власта, кој го местеше Љубе Бошковски дека наводно го продавал името на државата,

СО ТОЈ ЧОВЕК, ЕМАНУЕЛ МАЛЕЛИС, ПОЗНАТ КАКО МАНОЛИ, ПРЕГОВАРАЛ ПОЧИТУВАНИ ГРАЃАНИ, КОЈ ДРУГ, АКО НЕ ЛИЧНО САШО МИЈАЛКОВ!

Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски, босот во Македонија на криминалните и паравоени структури кои дејствуваат за цели на Никола Груевски, замислете се пазарел за уставното име на Република Македонија, со грчкиот партнер, посредникот за тајни преговори Маноли!

Ќе го слушнете сето ова самите, од аудио доказите што ќе ги презентираме на денешната прес конференција. Од овие аудио разговори ќе стане јасно дека Никола Груевски лажел кога тврдел дека не се пазари за уставното име на земјава. Се пазарел. Не е точно дека не разговарал за идентитетските прашања. Разговарал и ги договарал. И не само што Груевски и Мијалков го правеле сето ова, туку го правеле задкулисно. Затоа во разговорот со којшто ќе почнеме ќе слушнете како преговарачот на хартија, Зоран Јолевски му признава на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски дека медијаторот Нимиц чувствува дека е исклучен од процесот.

Ако се сеќавате почитувани граѓани, весникот Дневник, тоа беше пренесено и од другите медиуми објави дека:

„Во паралелниот преговарачки процес, кој е целосно развиен во тајност, како што објави грчкиот весник Македонија, грчката страна ја претставува А.Р, советник на грчкиот премиер, кој му дава инструкции на посредникот М.М, Грк кој живее и работи во Скопје. Од македонска страна, како претставници на Груевски, според изворите на грчкиот весник, во разговорите учествуваат двајцата браќа, едниот вработен во Царина, а другиот е шеф на тајната полиција“.

Веста поконкретно ја пренесе српскиот весник Блиц кој напиша:
„Скопски медиуми наведуваат дека претставници на грчката страна се поранешниот директор на македонската рафинерија ОКТА, бизнисменот Емануел Малелис Маноли и Алекс Рондос, близок соработник на премиерот Јоргос Папандреу. Во преговорите од македонската страна, вклучени се браќата Мијалкови, Сашо Мијалков, директор на тајната служба и Влатко Мијалков, советник на директорот на Царина, инаку блиски роднини на премиерот на Македонија, Никола Груевски“ напиша српски Блиц.

Кога излегоа овие информации, авторка на текстот во весникот Дневник беше подоцнежната уредничка во порталот на Мијалков, Телеграф, која не пренесе коментар од власта на Груевски, но пренесе официјална реакција од грчка страна во којашто се негираат преговори под маса, надвор од процесот во ОН.

Портпаролот на грчкото МНР, Григорис Делавекурас ги одрекол овие информации изјавувајки дека постои еден преговарачки процес за името под покровителство на Обединетите нации.

Ајде сега сите заедно да ја слушнеме вистината.

Следува разговор помеѓу Антонио Милошоски, Никола Груевски и Сашо Мијалков, секако вклучен во тројната дискусија преку интерфон. Во разговорот, за уставното име на Република Македонија се зборува буквално како на пазар. Да биде со загради, да биде и со додавки, да биде не со една, туку со две придавки, што ќе ја задоволи грчката страна, Независна, Вардарска, Суверена, Горна, Северна… со еден збор, се договара име посложено и од референцата ФИРОМ, со којашто се потсмеваше власта на Груевски, а со којашто Македонија стана дел од Обединетите нации.

Се уверивте ли сега кој се пазарел со името на Македонија? Тоа не е никој друг, туку наводно, најголемиот патриот во Македонија, лажниот лик Никола Груевски.

Слушнавте од разговорот дека Груевски мисли дека е ризично да ја протне кај граѓаните референцата Горна. Но откако Мијалков одлучил да биде Горна, тоа станува и официјален предлог.

Еве погледнете го тој документ, предлог на Медијаторот Нимиц: Горна Република Македонија.

Ајде уште еднаш да се потсетиме што беше ризично за Груевски, но поминало зашто така одлучил “преговарачот“, братучедот Мијалков.

Од следниот разговор почитувани граѓани, ќе ви стане јасно дека не е точно дека Груевски не влегол во разговор за идентитетските прашања. Влегол. Барал да се решат преку Резолуција.

Слушнете го разговорот на Јолевски со Милошоски.

Сепак, подоцна и во еден од предлозите на Нимиц како референца за националноста се наведува терминот граѓани на Горна Република Македонија, или Македонски граѓанин.

Во последниот разговор за денеска лично од Груевски ќе слушнете дека братучедската двојка, тој и Сашо Мијалков прифатиле грчки предлог. Ова и го признава Груевски на Силвана Бонева.

Сега што правиме Никола Груевски?

Кој е лицемерниот? Дали е фер позицијата на Социлајдемократскиот сојуз, граѓаните да го знаат ставот на партијата или твоето лицемерие, на сите полиња, па и на полето на патриотизмот, на коешто си ја отрул Македонија, а и нејзините граѓани.

Почитувани граѓани,

Ова што денеска го обелоденивме има една единствена цел. Вистината за Македонија да отвори подобра перспектива за Република Македонија.

Затоа, да престанат лагите, да го прекинеме лицемерието, да го прекинеме насилието на една тесна група на чело со Груевски којашто буквално се што правела, правела за лични интереси и на 17-ти мај, во недела, утре, да му порачаме на Никола Груевски, да замине и никогаш повеќе да не се појави на политичката сцена и пред граѓаните на Република Македонија.

Да не дозволиме ова никогаш повеќе да се повтори. Продолжуваме понатаму…“ – рече Заев.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев, ви го вратија ли пасошот?

Заев: Да, пасошот ми го вратија.

Медиуми: А, може нешто повеќе околу Стразбур да ни кажете?

Заев: Немам никакви информации, освен нашата подготвеност секогаш кога пријателите од меѓународната заедница ќе повикаат на разговори, ние сме подготвени.

Медиуми: Може ли прашање до госпоѓата Шекеринска, бидејќи денеска излезе скандал, токму за нејзе и нејзиниот сопруг, дека сами на себе си изнајмувале не еден, туку четири стана?

Заев: Ќе добиете изјава и реакција по прес конференцијата.

Медиуми: Ѓоспоѓо Шекеринска, ќе можете ли да ми одговорите?

Заев: Ќе ви биде дадена изјава. Ова е прес конференција којашто јас водам јас. Никогаш Социјалдемократскиот Сојуз не останал должен со одговор. Ќе добиете одговор.

Медиуми: Од Бугарската телевизија BTV, очекувате ли некакви провокации во време на најголемите антивладини демонстрации?

Заев: Вчера соопштив што се случува и со каква мака се справуваме во делот на обезбедувањето на превозните средства. Тоа продолжува и во текот на денешниот ден. Но, секако, сите напори ги вложуваме да не остане граѓанин кој е заинтересиран да присуствува на протестот, а за тоа да нема превоз. Ќе го смениме и никој не смее тоа да го спречи. Реков, ако треба со камиони, со булдожери, со трактори, народот ќе дојде овде, некој може и ќе тргне пеш, но ќе стигне. Истовремено, дали некој има лоши намери кон она кое што ние со сите детали го најавуваме како мирен и ненасилен протест, дали некој има лоши намери тоа да го прави, најчуден е, повикот на 18-ти, наредниот ден, власта да организира контра протест и вие сами ќе влечете заклучоци, денес е обезбеден приклучок на истото место, на нашата локација, за протестот на 18-ти. Значи, имаат намера да го прават таму каде што ние ќе останеме. А, ние не си одиме. Јас само ќе кажам овде за да биде јасно. Ние оваа работа што ја водиме, ја водиме за добра иднина на Македонија, за сплотување на нашиот народ и за сплотување на сите етнички заедници и комплетно на целиот наш народ. Во вакви чувствителни ситуации, знае целиот свет, кој прави контра протести. Тоа било и во Србија, тоа беше и во Украина. Ако сака и дефинитивно да влезе и да ја потврди неговата еднаквост со диктаторите ширум светот, тоа конечно има можност да го направи токму на 18-ти. Се надевам дека тоа нема да се случи, заради тоа, апелирам до граѓаните, гордо, достоинствено, со крената глава, сите
да бидеме овде, оти со нашата бројност, истовремено, ќе му помогнеме на Никола Груевски да се откаже од 18-ти.

Медиуми: Утре е големиот настан. Кои се вашите очекувања и дали ќе бидете надвор се додека Владата не даде оставка?

Заев: Ова утре ќе почне, дај Боже да заврши, ако Никола Груевски поднесе оставка. Но, ако не заврши и не поднесе оставка, ние остануваме до крај. Ако јас го започнав овој процес, јас ќе бидам постојано таму. Освен кога ќе бидам на преговори коишто дај Боже да дадат резултат, оставка на Никола Груевски, преодна влада, нормализација на Македонија и предвремени парламентарни избори. Ќе го водам нашиот народ рамноправно со граѓаните, рамо до рамо, до конечната цел, заминување на Никола Груевски од политичката сцена.

Медиуми: Најважното од се за медиумите и за поголем дел од јавноста, бидејќи утре почнувате со протест кој нема крај, дали ќе продолжите со бомбите?

Заев: Еве вака. Со самото отворање на протестите и начинот како ќе бидат организирани протестите, со бомбите ќе застанеме. Останавме должни за еден случај за којшто се заинтересирани многу граѓани. Тоа е убиството кај Смилковското езеро или случајот Монструм. Јас дадов збор, `се што поседуваме како докази, ќе го објавиме. Но, заради чувствителноста на состојбите, сигурно дека ќе имаат граѓаните разбирање зошто тоа не го направивме пред големиот протест. Но, зборот е збор! Даден е зборот и овие докази ќе бидат споделени со јавноста во соодветно време. Така да, денеска почнува паузата на бомбите, не е крајот на бомбите. Стотици и стотици, илјадници, разговори поседува опозицијата. Точно е дека 70 проценти од тие стотици и стотици се за опозицијата. Но, ние досега имаме објавено околу само петстотини разговори, така што се надевам дека нема да има потреба оваа пауза на објавување на разговори коишто потврдуваат криминали, корупции и незаконски дејствија, дека нема да има потреба да продолжат, а тоа ќе се случи единствено со оставка на Никола Груевски.

Повик до сите граѓани:

Дозволете уште еднаш за крај, да го повикам целиот наш народ. Ако не може да се качи во автобус, да најде начин како да дојде во центарот на нашиот главен град, пред Владата. Ова утре што ќе се случи, ќе биде мирен, ненасилен протест, со сите делови што ги објаснував. Но најважно од сé, нашите генерации ќе ја имаат единствената шанса утре, да не ја прошуштат граѓаните оваа историска шанса, да бидат каде што ќе бидеме сите, од сите етнички заедници, каде што ќе ги испратиме сите пораки што мораме да ги испратиме, каде што настанот ќе се памети и зборува, години и години пред нас. Оваа шанса утре не се испушта.

Ве канам сите, гордо и достоинствено, на 17-ти, утре, недела, од 14:00 часот, пред Владата на Република Македонија.

Извор: www.sdsm.org.mk