Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „приредување игри на среќа без лиценца-дозвола од надлежен орган“ и „злоупотреба на лични податоци“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против М.Н.(34) од Скопје како и против Б.М.(32) од Скопје поврзано со казненото дело „фалсификување службена исправа“.
Со намера да се стекне со противправна имотна корист, пријавениот М.Н. во периодот од декември 2015 година до мај минатата година, во посебно уреден деловен објект на улицата „11-ти Септември“ во Кичево, неовластено организирал и приредувал игри на среќа во спортска обложувалницa која работела под логото „Еуро Лото“. Тој работел без да поседува лиценца од Министерството за финансии, што било констатирано при извршен инспекциски надзор од страна на Управата за јавни приходи-Регионална дирекција-Тетово во содејство со полициски службеници од Кичево.
На 20-ти мај минатата година, второпријавениот Б.М. во својство на помлад инспектор од Управата за јавни приходи Регионална дирекција Скопје, при вршење на надворешна контрола во уплатно-исплатно место на спортска обложувалница која работела под логото „Еуро Лото“, внесол невистинити податоци во записник за извршен инспекциски надзор. Тој, во записникот но и во останатите службени исправи, запишал дека во моментот на контролата, во обложувалницата го затекнал лицето А.Ш. од Струга како одговорно лице, иако истиот, воопшто не бил присутен. Потоа, ги заверил со свој потпис и ги употребил во Управата за јавни приходи Скопје како вистинити.
Од страна на службените лица од УЈП- Регионална ДирекцијаТетово, донесено е Решение за времена забрана за приредување на игри на среќа во деловните простории во траење од 30 дена, глоба во износ од 1000 евра во денарска против вредност и одземање на паричните средства и техничката опрема.