МВР: Kриминалистичката обработка „Пратка“

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во изминатиот речиси едногодишен период, а по претходна пријава од страна на Царинска управа на Република Македонија – Сектор за контрола и истраги – поради сомнение за сторено кривично дело “оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, отпочна со спроведување на криминалистичката обработка под оперативно име – “Пратка“.

Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика-Одделението за истраги на компјутерски криминал, со цел утврдување на можни сторители на кривичното дело како и нивната поврзаност, во изминатиот период беа превземени дополнителни истражни мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на идентитет на лица инволвирани во криминалната група, телефонски броеви и листинзи за истите, проверка на ПМВ и нивни сопственици, како и форензичка анализа на одземена компјутерска опрема во сопственост на Царинската управа на Република Македонија.

Како дополнување во истрагата, во ноември минатата година, од страна на полициските служби од Единицата за компјутерски криминал во Министерството на внатрешни работи на Р Бугарија, беше добиена информација дека постапуваат по случај каде што е регистрирана компјутерска злоупотреба на нивниот царински систем и дека располагаат со информации за постоење на меѓународна криминална група во која како членови учествуваат и македонски државјани.

Заради меѓусебна размена на дополнителни оперативни информации и податоци кои се однесуваат на можна идентификација и утврдување на македонските државјани инволвирани во кривичните дела и обезбедување на детални информации за потеклото и начинот на кој функционира криминалната група, со посредство на Секторот за меѓународна полициска соработка (СЕЛЕК центар) беа организирани работни состаноци на кој присуствуваа одговорните службени лица од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделението за истраги за компјутерски криминал при МВР на РМ, Единицата за компјутерски криминал во Министерството на внатрешни работи на Р. Бугарија како и претставници на Основните јавни обвинителства за гонење организиран криминал и корупција од двете држави.

На овие средби беше формиран работен тим за заедничка истрага преку кој се вршеше директна и навремена размена на доказен материјал и информации поврзани со активностите на организираната криминална група.

Како резултат на таа соработка, на 19-ти овој месец, во договорена заедничка акција, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, по претходно обезбедени судски наредби од надлежен суд, на повеќе локации на територијата на Р. Македонија изврши координирани претреси при што се обезбедени доказни материјали и одземена е различна компјутерска опрема од лица македонски граѓани за кои постои основано сомнение дека се дел од меѓународната криминална група.

Одземената компјутерска опрема е предадена на Одделението за дигитална форензика при МВР на РМ, со цел изготвување на дополнителна форензичка анализа и утврдување на сомненијата за учество на инволвираните лица во меѓународната криминална група.