Средба на претседателот Иванов со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија, по определувањето на мандат за состав на Владата на Република Македонија.

Претседателот Иванов ја реафирмираше посветеноста на Република Македонија за почеток на пристапни преговори со ЕУ, како еден од највисоките стратешки приоритети.

Според претседателот Иванов, потребно е Европската унија да направи исчекор и да определи датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, односно да овозможи отворање на поглавјата 23 и 24.

„Отворањето на преговорите во поглавјата 23 и 24 за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси. Статус квото не смее да продолжи. Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес, како и обединувачката моќ на процесот, за соочување со длабоката политичка поларизација во земјата”, рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов ја повтори потребата лидерите на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија, а приоритет да се даде на закони и решенија од европската агенда.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија ја поздравија одлуката на претседателот Иванов за доделување на мандат за состав на Влада на Република Македонија, со што се отвора можноста за нормализација на состојбите и политичка стабилност во земјата. На средбата беше истакнато взаемното очекување новата влада во своите приоритети да ја има ЕУ агендата, односно реформите кои ќе ја забрзаат интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.

На средбата беа разменети мислења и информации за клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија и целиот регион, како што се мигрантската и безбедносна криза, екстремниот радикализам, растечката националистичка реторика во регионот.

На нивен интерес, претседателот Иванов ги запозна амбасадорите со клучните аспекти од неговите неодамнешни посети на Кралството Јордан, Руската Федерација и Државата Ватикан, како и за претстојните учества на самитот Брдо-Бриони и на самитот на Процесот за соработка во југоисточна Европа.

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија истакнаа дека високо го ценат отворениот пристап од претседателот Иванов и изразија уверување дека Европската унија е подготвена да се ангажира Република Македонија и целиот регион да биде високо на агендата во институциите на ЕУ.