Градоначалникот Никола Бакрачески зборуваше на отворањето на Четвртиот Македонски конгрес на оториноларинголозите со меѓународно учество, кој се одржува во Охрид.Пред учесниците на конгресот, градоначалникот Бакрачески истакна дека се чувствува пријатно меѓу неговите колеги од медицинската фела и изрази благодарност до нив што го избрале Охрид за место на одржување на овој еминентен научен и експертски форум.
„Охрид, со својата богата историја, културното наследство и природните реткости е вистинското место, покрај напорната работа да издвоите слободно време да уживате во овој вонвременски амбиент. Ние сме осведочени добри домаќини и токму поради тоа сме уверени дека само на тој начин ќе го развиваме конгресниот туризам“- рече Бакрачески.
На конгресот, како што рекоа организаторите, учествуваат научници и клиничари од Република Македонија и повеќе други земји, кои ќе овозможат размена на искуства, ќе се остваруваат нови комуникации и пријателства.