ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Жителите на Охрид, особено оние во стариот дел од градот, сè уште се соочуваат со сообраќаен метеж и нерегулирано паркирање. Тесните улички секојдневно се преполни со паркирани возила од персоналот што работи во околните угостителски објекти, како и од домашни и странски гости во приватното сместување. Жителите на овој дел од градот немаат каде да ги паркираат своите автомобили и имаат отежнат пристап до своите домови.
Поради немањето никаква организирана и ефикасна контрола на движењето на автомобилите, отежнато е секојдневното функционирање на граѓаните, но и загрозена е безбедноста, бидејќи поради самоволното паркирање невозможно е непречно да поминат возилата на Брза помош или на Единицата за противпожарна заштита.
Како што се приближува туристичката сезона, така расте и сообраќајниот метеж низ Охрид, а локалната власт не прави ништо за решавање на проблемот што се повторува со години. Наместо да најде решенија за проблемите, градоначалникот Никола Бакрачески ја правда неспособноста на општинските власт, велејќи дека е тоа било нормално за секое туристичко место. Тоа воопшто не е точно, затоа што во сите други реномирани туристички центри се применува посебен ефикасен и соодветен режим на сообраќај.
Вакво несовесно, нестручно и игнорантско однесување на градските власти кон потребите на локалното население е доказ дека на Охрид му е потребна нова локална власт. По промените на централната власт, ќе следуваат промени и на локално ниво.
Новата локална власт ќе мора под итно да го реши проблемот со регулирано паркирање, преку воведување на посебен режим на одвивањето на сообраќајот во стариот дел од градот, но не само со декларативно донесување на одлука од страна на општинскиот Совет, туку и со нејзино строго и доследно спроведување.
Охрид и жителите на Охрид заслужуваат локална власт којшто ќе работи во интерес на градот и граѓаните.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.