ЕСС ја одржа конститутивната 35-та седница

Економско-социјалниот совет денеска ја одржа конститутивната 35-та седница, на која се разгледуваше Извештајот за проценката на состојбата на социјално-економските совети на Западен Балкан, Предлог на Закон за изменување на Законот за работни односи, како и Нацрт стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020.

Во насока на обезбедување што поголема инклузивност и транспарентност во работата на Советот, на седницата беа поканети и присуствуваа и претставници на синдикатите кои не се негови членки. Со овој чекор Министерството за труд и социјална политика најавува редовно вклучување на сите засегнати страни во процесот на креирање политики, особено кога станува збор за прашања од областа на трудовото право.

И покрај отсуството на кворум за донесување одлуки и заклучоци, присутните дебатираа за сите предвидени точки и ги споделија предлозите и мислењата на организациите кои ги претставуваат.