150 деца со нетрпение ги одбројуваат деновите до стартот на Вториот летен спортско-едукативен камп Охрид 2017

Асоцијацијата на Спортови СПОРТ ЗА СИТЕ – СИТЕ ЗА СПОРТ го најавува одржувањето на Вториот летен спортско – едукативен камп кој ќе се одржи од 10.07 (понеделник) до 16.07 (недела) во Хотел Десарет Охрид.

Оваа година на летниот камп ќе учествуваат 150 деца од Охрид, Скопје и Крагуевац (Р.Србија). Како и минатата година Летниот камп ќе биде исполнет со многу спортски, забавни и едукативно – образовни активности со дополнителен акцент на презентацијата на нашето природно, културно и историско богатство, збогатено со многу работилници и креативни активности кои веруваме ќе се од големо задоволство на сите дечиња.

„Интернационалниот карактер што го започнавме од минатата година оваа година го надополнуваме со интернационализирањето на наставниот кадар така што оваа година како дел од организацијата на кампот ќе имаме и три волонтери (идни наставници од прво до петто одделение) од нашиот партнер Универзитетот Роехемптон од Лондон. Со овој исчекор се доближуваме кон нашата крајна цел, Охрид, Летниот спортски камп, да станат синоним на квалитетот, дружењето и едукацијата на младите од Македонија и регионот.

Од име на Асоцијацијата на спортови СПОРТ ЗА СИТЕ – СИТЕ ЗА СПОРТ ми преставува особено задоволство да објавам дека големите компании, со традиција од повеќе децениско успешно работење во насока на поквалитетен живот на граѓаните, Битолска млекара и Алкалоид, се овогодинешните партнери на кампот, партнери на децата, дружењето, едукацијата и спортувањето, партнери на градот Охрид и Асоцијацијата на спортови СПОРТ ЗА СИТЕ – СИТЕ ЗА СПОРТ.“- информираат од Асоцијацијата на спортови Спорт за сите Сите за спорт.

Оттаму ги покануваат сите граѓани да се приклучат на официјалната facebook страна (Спортски летен камп Охрид 2017) и да ги следат сите активности кои ќе се  реализираат за време на деновите на кампот, се со цел да се запознаат со оваа организација и визија која ја имааат за децата.