Сениорите денес заминаа за Словачка, каде во престолнината во наредните два дена ќе одиграат пријателски двомеч. Селекторот Јорданчо Давитков ќе има можност за првпат од започнувањето на подготовките да ги согледа предностите и слабостите на националниот тим. Пред сениорската репрезентација претстои предизвикот наречен претквалификации за СП 2019 кој доколку се помине значи и автоматски пласирање во квалификациите за наредното Европско првенство кое ќе се одигра за четири години, во 2021 година.
„Ги завршивме подготовките во Маврово и можам да кажам дека сум задоволен од пристапот на сите играчи. Беа доста ангажирани, но периодот е краток, ќе ни треба повеќе време за играчката форма. Задоволен сум од нивното ангажирање на тренинзите, беа максимално концентрирани. Двата натпревари против Словачка се впрочем првите наши тестови. Не очекувам некаква спектакуларна игра, но очекувам сериозен пристап од сите. Сите да дадат максимум од себе колку што можат во овој момент. Очекувам да видиме до каде сме односно Словачка да ни биде показател што сме направиле, што уште ни треба, каде повеќе да обрнеме внимание. Во секој случај ќе видиме како ќе изгледаме на терен. Едно е на тренинг, натпреварите се сосема друго. Не сум оптоварен со некои резултатски параметри, дека мора да победиме. Сепак ќе се обидеме да одиграме најдобро битно е да после тоа имаме некоја појасна слика за тимот и да сите играчи бидат здрави.“ – вели селекторт Давитков.
Првиот натпревар ќе биде одигран утре (11. јули) со почеток во 18:00 часот и ќе биде од затворен карактер додека вториот ќе биде отворен, а ќе се одигра на 12. јули со почеток во 16:00 часот.