Се истражува составот и староста на водата во Охридското Езеро

Хидробиолошкиот завод од Охрид и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен-Унгарија, денеска ги започнаа заедничките истражувања на Охридското Езеро, со цел утврдување на составот и староста на водата со примена на различни изотопски методи.

Овогодишните истражувања на Охридското Езеро, ќе траат до 16 јули и опфаќаат собирање мостри од вода на повеќе локации од езерото и на различни длабочини. Потоа следат лабораториски анализи кои ќе се вршат во Центарот за изотопска климатологија и проучување на животната средина на Институтот за нуклеарни проучувања при Унгарската академија на науки.

„Плод на оваа соработка е и овогодишното истражување на Охридското Езеро со цел да се утврди дистрибуцијата на староста на водата, односно времето на нејзиното задржување во Охридското Езеро. За тоа се користат софистицирани изотопски методи. Овогодишните истражувања на Охридското Езеро ќе бидат спроведени од 10 до 16 јули, ќе опфаќаат собирање на мостри од повеќе локалитети од Охридското Езеро и повеќе вертикални профили, односно од повеќе длабочини со што ќе биде опфатена и најдлабоката точка од Охридското Езеро. На терен ќе бидат истражувани основните физичко-хемиски параметри, ќе биде користена целосно опремата која што ја поседува хидробиолошкиот завод и пловниот објект каде што се основните инструменти кои ќе овозможат колекционирање на примероците. По теренската работа следи лабораториската анализа на примероците, дел од нив ќе бидат обработени во Хидробиолошкиоот завод кои укажуваат на квалитетот на водата, нутриентното и органското отповарување, присуството на тешки метали, а изотопските анализи и останатите истражувања ќе бидат извршени во Унгарија“. – изјави директорката на Хидробиолошкиот завод Охрид, Елизабета Велјаноска.

Заедничката соработка меѓу двата институти, вклучува и дупчење на седиментите од глацијалните езера на Јабланица и Пелистер и анализа на нивните геохемиски карактеристики со цел палеоклиматски реконструкции, чиј теренски дел ќе се започне кон крајот на јули.

„Оваа година имаме планирано неколку истражувања меѓу двете институции, прво ова што ќе биде на Охридското Езеро, потоа ќе имаме истражувања на глацијалните езера на планините Јабланица и Пелистер каде ќе се бушат седиментите од езерата, ќе се земаат сонди врз кои што ќе се прават анализи со цел палеоклиматска реконструкција врз база на тие седименти. Се надеваме дека ќе имаме успешна реализација и дека ова е само еден почеток на нашата меѓусебна соработка. Нашата институција од Унгарија е вклучена во повеќе истражувања во Македонија и се надеваме дека ќе воспоставиме соработка со повеќе институции, затоа што аналитичките способности на лабораторијата се големи и имаме можности за различни анализи, бидејќи Македонија е една интересна земја со многу можности за научни истражувања на различки теми кои што можат да имаат широко меѓународно значење.“ – истакна д-р Марјан Темовски, координатор на истражувањата помеѓу двете институции.

Инаку, Хидробиолошкиот завод од Охрид и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен-Унгарија, минатата година склучија меморандум за зголемена меѓусебна соработка, размена на искуства и учество на заеднички научноистражувачки проекти.

„Планираме да земеме најмалку 100 мостри и со анализа на тие мостри сакаме да ја утврдиме староста на водата, начинот на мешање на водата и останатите параметри на водата. Се надевам дека за неколку месеци ќе можеме да ги презентираме резултатите од ова истражување“- рече Ласло Палчу, раководител на Центарот за изотопска климатологија и истражување на животната средина при Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен.

На денешниот почеток на заедничките истражувања, покрај претставници од истражувачките тимови од двата инстутити, присуствува и Амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, д-р Ласло Иштван Дукс.

„Односите меѓу Македонија и Унгарија се на едно многу високо ниво и соработуваме на многу полиња. Се надевам дека во рамките на овој проект ќе се добијат резултати со кои подобро ќе се согледаат физичките, биолошките својства на водата во Охридското Езеро, квалитетот на езерото, а тоа ќе има позитивна рефлексија врз развојот на туристичките можности на градот.“ – истакна Ласло Иштван Дукс, амбасадор на Унгарија во Македонија.

WebOhrid