220 млади лица ќе се обучуваат за напредни ИТ вештини

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, раководителот за соработка во Делегацијата на Европската унија во Република Македонија Никола Бертолини, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски и раководителката на одделот за ИТ обуки во Семос едукација Ирена Ивановска информираа за проектот ,,Поддршка за вработување на млади лица’’ за кој е предвидено кофинансирање на обуки за програмски пакети.

Овој проект е дел од активните мерки за вработување кои се спроведуваат со цел да се надградат вештините на евидентирани млади лица, кои се активни баратели на работа во областа на информатичката технологија.
Со мерката за напредни ИТ вештини 220 невработени лица на возраст до 29 години ќе поминат обуки за јава програмери и софтвер тестери, професии коишто се барани на домашниот и странскиот пазар. Квалификациите и сертификатот со коишто ќе се стекнат младите ќе ја зголеми нивната конкурентност на пазарот на трудот.

Обуките ќе се реализираат преку ИПА проект од Европската унија, како директен грант на АВРМ, за што се обезбедени 18.260.000 денари.

“Многу е важно младите да се вклучат во овие обуки бидејќи овие програмски пакети што се нудат со проектот ќе дадат можности тие да инвестираат во себе, но исто така, овие програмски пакети кои се нудат на пазарот на трудот во вид на обука се побарувани на пазарот на трудот и со таа понуда ќе можат многу полесно да бидат вработени”, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Според директорот на АВРМ Влатко Поповски, со обуките за јава програмери за софтвер тестери кои се барани како во Македонија, така и во странство, можностите за вработување се многу големи.

“Имаме можност да обучиме 110 лица за најновиот пакет на јава, а воедно и за тестери на софтвер кои исто така се барани во Македонија и странство. Ги повикуваме сите лица кои се и со средно образование, а имаат познавање од ИТ сферата да се пријават на обуката да дојдат на преттест, а потоа да добијат договор со пакет од државата и од ЕУ од речиси 2.000 евра. Во наредните четири месеци ќе бидат на обука, а потоа ќе полагаат за сертификатот со којшто ќе станат многу поконкурентни на пазарот на труд во Македонија и надвор од неа”, појасни Поповски.

Раководителка на одделот за ИТ обуки во Семос едукација Ирена Ивановска посочи дека кандидатите коишто ќе аплицираат не треба да имаат посебно ИТ познавање за да ги посетуваат курсевите.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Никола Бертолини потенцираше дека една од најголемите вредности за кои се залага ЕУ е да се овозможи пристап на младите на пазарот на труд.

Заинтересираните кандидати треба да се пријавуваат во центрите на Агенцијата за вработување на Република Макдонија низ државата. Обуките ќе се реализираат во скопскиот и во други региони, зависно од пројавениот интерес на евидентираните невработени лица.