СДСМ: Трајкоски прво ги создаде еколошките проблеми, а сега се промовира во спасител на Дебрца

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„На денешната седница на советот на општина Дебрца советничката група на СДСМ предложи советот на општината едногласно да донесе Декларација за реафирмирање на стратешката определба на Дебрца како еколошки чиста општина и за отфрлање на предложеното решение за изградба на регионална депонија во Дебрца, со што ќе се изрази волјата на граѓаните и ќе се манифестира надпартиска сплотеност и единство по ова прашање.

За жал и овојпат советниците од ВМРО ДПМНЕ и независниот советник во Советот на општина Дебрца не успеаја да се надминат себеси. Истите тие, кои минатата година за ситни лукративни интереси (работни места и пари), спротивно на искажаното незадоволство на граѓаните гласаа за изградба на асфалтната база, истиот тој градоначалник, кој тогаш не сакаше ниту да ги прими незадоволните граѓани, пријавувајќи ги во полиција, на денешната седница на советот на општината беа против предложената Декларација за еколошка одбрана на Дебрца.

Трајкоски да престане безобзирно да лаже дека СДСМ е против референдумско изјаснување на граѓаните. Напротив, како што беше наведено и во предложената Декларација се остава можност да се искористат и другите правни средства, вклучително и референдум, доколку не се почитува волјата на граѓаните и кој доколку има потреба би се спровел во погодно време.

Инсистирањето на референдум од страна на Трајкоски во овој момент, во пресрет на локалните избори е само негов обид за дефокусирање на јавноста и сокривање на неговата одговорност за создадените еколошки проблеми, како и на неговото криминално владеење со општината во изминативе четири години.

Трајкоски да престане да лаже дека СДСМ е за изградба на регионална депонија во Дебрца. Советниците на СДСМ и во минатото, кога биле мнозинство во советот одлучно биле против вакво решение, затоа што секогаш биле слободоумни и на линија на интересите на граѓаните, за разлика од советниците на ВМРО ДПМНЕ, кои со потпишаните меници секогаш биле заложници на Партијата.

Ги повикуваме граѓаните да не наседнуваат на нивните приземни политички игри.

Политички лицемерие е Дебрца да ја спасуваат оние кои сите овие години наназад се креаотори на многу еколошки проблеми.

Сплотени и заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Дебрца и нема да дозволиме во еколошки најчистата општина да се изгради регионална депонија.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.