Министертвото за култура назначи в.д. директор на Драмски театар

Министерството за култура донесе решение за разрешување на Роберт Вељановски од функцијата директор на Националната установа Драмски театар – Скопје. За вршител на должноста директор на НУ Драмски театар е назначен актерот Сашо Тасевски, член на ансамблот на Драмски театар.

Според наодите на инспекциксите служби, сметаме дека е од јавен интерес да образложиме и кои се причините за разрешувањето на досегашниот директор Вељановски.

Во изминатиот четиригодишен период досегашниот директор Вељановски, нема спроведено постапка за реаудиција.

Инспекцијата констатирала и дека незаконски бил издаван под закуп дел од објектот на националната установа, простор што е во сопственост на Република Македонија, со оглед дека претходниот договор за закуп бил истечен на 14.02.2015 година.

Од делот на прекршоци издвојуваме дека во националната установа не се водела соодветна евиденција за работното време на вработените во установата, предвидена со законот за работни односи, а досегашниот директор Вељановски донел и годишна програма за работа на установата без согласност на Управниот одбор.
Министерството за култура потсетува дека именувањето на в.д директори, се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции, кои досега беа заробени од партиски кадри.

Истовремено ја информираме јавноста дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.

Појаснуваме дека по исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување нови директори на националните установи.

На конкурсите сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можат да ги предложат своите програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Република Македонија.