Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Градоначалникот на општина Дебрца не само што на големо трошел општински пари за гозби и ручеци, туку во изминативе четири и нешто години многу милувал да патува на општинска сметка.
Завршните сметки го покажуваат она што е константа во раководењето на општината во изминативе години, а тоа е крајно расипничкото и нетранспарентно трошење на општинските пари и во делот на службените патувања.
Во 2013 година за дневници за патувања во земјата потрошени се 122.000 денари, во 2014 година потрошени се 178.800 денари, во 2015 година потрошени се 200.400 денари, во 2016 година потрошени се 178.920 денари. За споредба, за време на претходната локална власт, во 2012 година потрошени се само 8.000 денари.
Трајкоски успеал трошоците за дневници да ги зголеми од 15 пати во 2013 година до 25 пати во 2015 година., кога се реализирани 250 дневници, во исто толку работни дена во годината. И притоа, најголемиот дел од дневниците завршиле во џебот на градоначалникот и неговиот возач, кои на овој начин ем патувале со службеното возило, ем си обезбедувале дополнителен приход на општинска сметка.
Тоа како да му беше малку и затоа во 2016 година Трајкоски во предлог-одлуката за извршување на буџетот на општината предложи зголемување на дневниците од 800 денари на 1.000 денари, а кое советниците не го прифатија.
За трошоците за службените патувања во странство, а од кои општината немаше никаков бенефит, ќе елаборираме во друга прилика.
И тоа не е се. Трајкоски не ја почитуваше ниту одлуката за користење на службено патничко возило за превоз од и до работно место, донесена од советот на општината, со која на градоначалникот му беше одобрено да го користи службеното патничко возило, марка “Хонда”, за превоз од местото на живеење, село Ботун до седиштето на општината, село Белчишта. Во изминативе четири години Трајкоски секојдневно наместо до Ботун си патува до Охрид, на улица “Абас Емин”, каде што се наоѓа неговото фактичкото место на живеење.
По смената на актуелната локална власт, која ќе се случи по локалните избори ќе се стави крај на оваа практика на расипничко трошење на општинските пари. Ќе обезбедиме добро управување со општинските надлежности и одговорно и домаќинско управување со општинските ресурси.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.