Започна вториот конкурсен рок на Новиот културен бран

Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека започна да тече и вториот конкурсен рок за доставување на апликации за организирање на културно – уметнички настани во рамки на Манифестацијата „Нов културен бран“, кој ќе трае сè до исцрпување на буџетот на Манифестацијата. Конкурсната комисија, која беше формирана минатата недела, веќе разгледува над 200 апликации, кои пристигнаа на првиот конкурсен рок, распишан на 31 јули 2017. Првите проекти избрани за финансирање ќе бидат соопштени пред јавноста на прес – конференција во текот на идната недела.

Воедно, би сакале да изразиме благодарност до Проектот за граѓанско учество на УСАИД и Фондацијата Фридрих Еберт, кои се одѕваа на нашиот повик за поддршка на Новиот културен бран што го упативме до меѓународните организации и организациите од Македонија како и до бизнис заедницата. На прес конференцијата идната недела ќе ги претставиме аспектите на нашата соработка, како и партнерите од бизнис заедницата и сите други кои ќе се приклучат со поддршка за Новиот културен бран.

Манифестацијата „Нов културен бран“ има цел да обезбеди деметрополизација, деконцентрација на културата, да ja збогати, омасови, интензивира, динамизира и раздвижи културната понуда. Детали за целите и приоритетите на Новиот културен бран, како и конкурсната документација, може да се најдат на овој линк на веб страницата на Министерството, во рубриката „конкурси“.

http://kultura.gov.mk/index.php/konkursi/2974-manifestacija-nov-kulturen-bran-2017