Општина: Продолжуваат обидите на СДСМ Охрид, за потценување на интелигенцијата на охриѓани

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:

„Продолжуваат обидите на СДСМ Охрид, за потценување на интелигенцијата на охриѓани. Навистина се прашуваме како е возможно некој да мисли дека граѓаните ништо не паметат и со евтин политички маркетинг во пресрет на избори се обидуваат да покажат грижа за образованието и образовниот процес.

Каде им беше грижата за образованието и за тендерските постапки за превоз во периодот кога тие го водеа Охрид? Зошто тогаш не се погрижија да направат нешто со кое ќе ја спречат администрацијата предводена од СДСМ да ги реализира најскапите тендери за превоз во Република Македонија?

Следствено на така скапите тендери за превоз на ученици следуваше големи долгови на општина Охрид по основ на превоз на ученици. Најлошо од се што оставија се навиките кај економските оператори кога е во прашање тендерот за превоз на ученици да се нудат цени многукратно повисоки од реалните. Грижата на оваа Локална самоуправа предводено од градоначалникот Никола Бакрачески во овие четири години е комплетно насочена кон тендерски постапки каде ќе се постигнуваат ниски цени и истите тие тендери општината да може финансиски да ги подмири. Резултатот од таквото работење е нула денари долг во средните училишта и драстично намалени долгови во основните училишта.

Тендерските постапки за превоз на ученици се комплетно завршени во средните училишта, а во неколку основни училишта постапките се поништени од страна на директорите поради постигнати повисоки цени од пазарните. Овие постапки се обновени и се очекува за неколку дена да завршат. Директорите на основните училишта во рамки на своите законски можности ќе обезбедат превоз за секој ученик на територијата на општина Охрид за што на првиот училишен ден ќе бидат известени учениците и родителите.

Ние работиме исклучиво согласно важечките законски прописи, а не се обидуваме да нагаѓаме како што тоа континуирано го прави СДСМ Охрид.“- стои во реакцијата.