Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Јован Стојаноски, денеска ги претстави проектите од изборната програма за развој на општината. Тој во изјава за медиумите рече дека треба да се создаде општина во која сите граѓани ќе бидат еднакви.
„Охрид е космополитски град и во тој дух, а и во духот на социјалдемократијата, нашата цел е да работиме на создавање на можности за сите граѓани. Повеќе од дваесет години работам во образованието, и верувајте разбирам што значи грижата за идните поколенија, што значи влогот во подобро образование, подобра иднина за сите. Имам две деца кои сакам да израснат овде, кои сакам да се образоваат овде, да работат овде. Затоа сум тука, но не само за моите, туку и за вашите деца. Имам визија каков Охрид треба да создадеме, но ќе ми треба вашата помош за тоа. Ќе создадеме отворена и услужна општина за сите. Секој граѓанин ќе може да се обрати до општината и навремено да ја добие својата услуга. Ја враќаме моќта и самостојноста на месните и урбаните заедници кои со зајакнат правен статус ќе помогнат тие максимално да бидат во служба на граѓаните. Во соработка со Владата на Република Македонија обезбедуваме помош за малите и средни претпријатија, а со тоа и нови вработувања и нови можности за младите.“ – изјави Јован Стојаноски.
Стојаноски изјави дека се работи по план, се создава инфраструктура за сите, а нивната цел е тоа да го постигнат преку: нудење на нови решенија во водоснабдувањето; санација и доизградба на колекторскиот систем; изградба на фабрика за отпад; услови за достоинствена старост; гасификација на Охрид.
„По 15ти октомври создаваме нов Охрид. Носиме живот во Охрид, за сите!“ – додаде Стојаноски.
WebOhrid