Мацеска: Граѓаните многу добро знаат дека Општина Дебрца е подеднакво услужлива кон сите

ОИШ ВМРО-ДПМНЕ Дебрца денес одржа прес конференција, на која говореше носителот на советничката листа Моника Мацеска.

„Паднаа маските и се покажаа вистинските лица на кандидатите за градоначалници од редовите на СДС. Најдобар пример е нашата Општина Дебрца каде што кандидатот за Градоначалник г-дин Зоран Ногачески се декларира како противник на стотина реализирани проекти во интерес на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Г-не Ногачески, дали се борите против подобрување на животот во Општина Дебрца? Дали се борите против проектите кои на нашите Дебрчани им го олеснува секојдневното живеење? Реализацијата на проектите од страна на ВМРО-ДПМНЕ ја воочуваат сите жители на Општина Дебрца без разлика на нивната политичка определба. Вие ли г-дине Ногачески најдовте да тврдите дека Општина Дебрца е затворена за граѓаните, додека на очиглед на целата јавност како вработен во општината службените простории ги претворивте во партиски штаб со партиски обележја. Дали со тоа испраќате јасна порака дека имате намера целосно да ја партизирате Локалната самоуправа? Дали Вашето сфаќање за отворен тип на Локална самоуправа значи партискиот штаб на СДС да биде сместен во просториите на Општина Дебрца? Граѓаните многу добро знаат дека Општина Дебрца е подеднакво услужлива кон сите, а ВМРО-ДПМНЕ никогаш не ги злоупотребило службените простории за партиски активности. И покрај потпишувањето на Кодексот за фер изборна кампања, демонстрирате ниско ниво на политичка култура и аматерски пристап кон работите кои се од важност за сите граѓани на Општина Дебрца. Токму граѓаните нема да ви дозволат да застанете против стотината реализирани проекти и уште многуте кои ќе бидат реализирани. Колку и да одржувате митинзи низ Дебрца, едно е повеќе од сигурно, граѓаните знаат за кого да гласаат, и повеќе од сигурно е дека по 15 Октомври ВМРО-ДПМНЕ и Игор Трајкоски, ќе ја потврдат победата во првиот круг.“– истакна Мацеска.