ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Најпрво ги покануваме луѓето од ДПМНЕ еднаш и засекогаш да се договорат меѓу себе која им е официјалната приказна за долгот на општина Охрид. Од почетокот на нивниот мандат па досега, неколку пати манипулираа со бројки, но ниту еднаш од нив не слушнавме конкретна и дефинитивна бројка. А бидејќи се фалат колку тие успеале да вратат од тој долг, еве нека повелат и кажат колку изнесувал тој долг кога го презеле раководењето на локалната самоуправа, колку од тој долг вратиле и колку тој долг изнесува сега. Ама тоа никогаш нема да се случи, затоа што долгот на општината, ДПМНЕ единствено го користи кога треба да се дефокусира јавноста од нивната незаинтересираност за проблемите на граѓаните, оние граѓани кои нив ги избраа пред четири години.
На вчерашната прес конференција на ДПМНЕ го слушнавме старо-новиот кандидат за советник, Ангел Јанев како тврди дека тие реализирале проекти кои биле видливи, но и проекти кои не биле видливи за граѓаните. По се изгледа ќе треба да им веруваме на збор кога велат дека нешто работеле во изминативе четири години, а во објавените бомби и проектот „Вистината за Македонија“ убаво слушавме дека ДПМНЕ е партија од збор, особено кога организираат криминални тендери.
ДПМНЕ вчера презентираше проект „здрава исхрана“ за децата од 1 до 5то одделение како дел од нивната кампања, ама на прес конференцијата заборавија да кажат дека овој проект им беше предложен од опозицијата во Советот уште во 2014та година, но тогаш тие експресно гласаа против ваквата идеја. Не само што копираат проекти и ги прикажуваат како свои, туку покажуваат и бескрајна лицемерност. Кога беа на власт, ваквите проекти не ги интересираа, но сега пред избори, по се изгледа им требаат гласови па прифаќаат се. Што се однесува до она што тие го нарекуваат градинки, како оние во Лескоец, Велгошти, Пештани и Радојца Новичиќ, срамота е и да се зборува, бидејќи овие пренаменети некогашни мензи од основните училишта во овие места не ги исполнуваат основните услови и стандарди предвидени во „Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца“ на Министерството за труд и социјала. А за тоа како ДПМНЕ ги враќаше долговите на училиштата, најдобар пример е ОУ „Григор Прличев“ кои и после четири години мандат на ДПМНЕ, и локална и централна власт, сеуште мора да чекаат Советот да им изгласа средства за да платат за струја, иако им ветуваа дека уште на почетокот на мандатот трајно ќе им го решат проблемот.
Почитувани, 15ти октомври е блиску, да издржиме уште малку. Животот доаѓа и во Охрид, за сите.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.