ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„ВМРО-ДПМНЕ бара од СДС веќе еднаш јавно да излезат и да им објаснат на охриѓани за одлуката за поништување на проектот за реконструкција, надградба и осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, донесена тајно, нетранспарентно и зад грбот на јавноста.
Прашуваме дали Охрид и охриѓани не се достојни да добијат објект на кој ќе се гордеат и во кој ќе може да ги следат културно-уметничките настани во својот град, посочувајќи дека во Центарот за култура се сместени и работат националните установи „Театар Охрид, „Охридско лето“ и библиотеката „Григор Прличев“.
Реализацијата на овој проект предвидуваше целосна реконструкција, надградба и осовременување на постоечкиот објект на Центарот за култура „Григор Прличев“ по сите светски стандарди. Веќе беше обезбеден буџет, избрано беше идејно решение и фирма проектант, која треба да ја изработи потребната проектна документација по што би се отпочнало градежните активности за реконструкцијата на објектот.
За СДС не се важни граѓаните. Тие не сакаат Охрид и охриѓани, како и сите граѓани на Република Македонија и бројните странски посетители, првпат по многу години во Охрид да добијат објект каде културните и уметничките настани ќе може да ги следат во современи услови по сите светски стандарди.
Но, сега тоа е стопирано од СДС, кои не сакаат во Охрид да има нов, современ и квалитетен објект кој не е ниту нивна идеја, ниту пак нивно дело. Јавно го прашуваме СДС, дали прекинувањето на овој значаен проект за бисерот на културата Охрид, значи живот за Охрид и охриѓани?“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.