Јовановски: Наша цел е Охрид да биде отворена и услужна општина за сите

Наша цел е Охрид да биде отворена и услужна општина за сите. Граѓаните да добиваат побрзи и поквалитетни услуги од јавната администрација. Затоа предвидуваме развојот на Охрид да биде со максимална употреба на паметните технологии. Паметниот урбанистички развој на градот обезбедува максимален квалитет на живот со минимално трошење на ресурсите. Сето тоа го правиме со користење информациски технологии со кои ќе се воспоставуваат современи одржливи форми на комуникација и мобилност. Ова денес го истакна кандидатот за советник од СДСМ и Коалицијата, Филип Јовановски.

„Најпрво создаваме институционална рамка за паметен урбан развој на градот. Воспоставуваме канцеларија за координација на сите градски услужни дејности, сите услуги да се добиваат на едно место. За соодветен урбанистички развој ќе се ангажираат еминентни стручњаци од сферата на урбанизмот и архитектурата од земјата и странство, а ќе се објавуваат и јавни урбанистички и архитектонски конкурси. Посебен дел во организирањето на паметниот урбан развој има проектот за воведување на географски информациски систем. Со неговата имплементација излегуваме во пресрет на потребата на граѓаните од побрза, подобра и поефикасна одлука од страна на општинската администрација за подобрување на услугите и намалување на трошоците. Системот ќе содржи географски лоцирани бази на податоци за територијата на општина Охрид кои ќе бидат подобрени за користење во главните сфери на интерес и за различни намени. Системот ќе содржи дигитализирани податоци за урбаните единици, улици, градежни парцели, подземен катастар, комерцијални објекти и транспорт. Локалната самоуправа овие податоци ќе ги користи за управување со земјиштето, имотната сопственост, наплата на таксите и други услуги, додека јавните претпријатија за управување со инсталациите, објектите, услугите и наплатата. Создаваме отворена, достапна и услужна, општина за сите.“- истакна Јованоски.

WebOhrid