По повод Денот на Европската Унија за борба против трговијата со луѓе, кој се одбележа на 18 октомври, европратениците упатија апел до земјите од ЕУ за подобро спроведување на постојните закони и зголемување на поддршката за жртвите.
Според извештајот на Европската комисија, помеѓу 2013 и 2014 година, земјите од ЕУ пријавиле 15.846 жртви на трговија со луѓе, од кои 76% се жени и девојчиња, но се претпоставува дека вистинскиот број на жртви е далеку поголем.
Статистиката вели дека две од три (67%) регистрирани жртви биле тргувани за сексуална експлоатација, 21% за други видови на принудна работа и 12% за други причини како што се отстранување органи и домашно ропство. Поголемиот дел од идентификуваните жртви се од земји на ЕУ.
Европратениците во 2011 година усвоија директива за борба против трговијата со луѓе, вклучувајќи превенција, поддршка на жртвите и гонење на прекршителите, додека минатата година препорачаа неколку мерки за подобрување на состојбата во две усвоени резолуции.