Вардар поразен со високи 0:6 од Реал Сосиедад

Вардар го претрпе и третиот пораз во групната фаза од Лигата на Европа. Вечерва Реал Сосиедад славеше триумф над „црвено-црните“ со убедливи 0:6. Противникот беше подобар, поискусен од нашиот тим, и сосема заслужено треба да им се честита на овој триумф. Момците на Чедомир Јаневски шансата за првите бодови ќе мора да ја чекаат на некој од следните натпревари во ова натпреварување.

Уште по првиот дел Вардар имаше негатива од три гола. Реал Сосиедад успеа да дојде до убедливо водство. Три гола во мрежата на Гачевски, во прв дел со многу шанси од страна на шпанскиот тим, а и Вардар имаше 2-3 можности да постигне гол.

Првата шанса, сепак, беше на страната на Вардар преку Џигаури кој што во 9. минута шутираше право во голоманот Рули.

Две минути подоцна Реал Сосиедад дојде до водство. Изведен корнер од десната страна, топката ја зафати Љоренте, на крајот излезе додавање до Ојаразабал кој што е осамен на вториот дирек, и само ја смести топката во мрежата. Минута подоцна шанса за Прието кој што ја погоди стативата, иако беше во одлична позиција.

Шансите за Реал Сосиедад се редеа, а во 21. минута Каналес шутираше, Гачевски успеа да одбрани. Во 25. минута уште една супер шанса за Шпанците. Хозе излезе сам пред голот, го мина и Гачевски, сакаше со „петица“ да постигне гол, но беше спречен од Новак.

Следуваа две шанси за Вардар да израмни. Најпрво Николов упати непрецизен удар, топката заврши за малку над голот. Минута подоцна Барсегјан се најде во одлична позиција, меѓутоа неговиот обид беше одбранет од страна на Рули.

Во 31. минута иста шанса како при водството за Реал Сосиедад, ама овојпат Оријазабал шутира крај голот.

Сепак, во 34. минута водство на Реал Сосиедад од 0:2. По средината на теренот Вилиан Хозе додаде до Каналес кој што повторно го проигра Хозе, а овој од десетина метри погоди во голот на Вардар.

Во 38. минута нова шанса за Реал Сосиедад преку Ојаразабал, но овој пат Гачевски интервенираше. Во 42. минута и трет гол за гостинот. Повторно Вилиан Хозе од 22-23 метри најде простори и упати удар по земја кој што заврши во голот на Вардар.

И во вториот дел Реал Сосиедад создаваше шанси, и како резултат на тоа дојдоа четвртиот и петтиот гол за Шпанците. Вилиан Хозе продолжи со запишувањето во листата на стрелците, и во 55. минута после додавање од Горозабал со глава успеа да го најде патот до мрежата. Веќе во 59. минута Вилиан Хозе го постигна и својот четврти гол, и го донесе својот тим во водство од 0:5. После обид од левата страна, топката се одби од одбраната на Вардар, и стигна до Хозе кој што излезе сам пред Гачевски и успеа да постигне гол.

Реал Сосиедад стигна и до шести погодок на средбата. После два неуспешни обида, односно успешни интервенции на Гачевски по ударите на Каналес и на Прието, во мрежата погоди и Де ла Бела кој што постигна уште еден гола.

Пред крајот на средбата Фелипе можеше да се запише во листата на стрелците, меѓутоа неговиот обид беше одбранет од страна на голманот Рули, со што пропадна и последната можност Вардар да дојде до погодок. На крајот Реал Сосиедад ја погоди и стативата од голот на Гачевски после ударот на Прието, што беше и последната шанса на мечот.

ВАРДАР – РЕАЛ СОСИЕДАД 0:6 (0:3)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 21.000.

Судија: Алијар Агајев (Азербејџан).

Стрелци: 0:1 Ојаразабал 11’, 0:2 Вилиан Хозе 34’, 0:3 Вилиан Хозе 42’, 0:4 Вилиан Хозе 55’, 0:5 Вилиан Хозе 60’, 0:6 Де ла Бела 90’

Ж. Картони: Хамбарџумјан (В).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Глишиќ (73’ Демири), Глигоров, Николов (46’ Блажевски), Џигаури, Фелипе, Барсегјан, Итало (64’ Марковиќ).

Р. СОСИЕДАД: Рули, Горосабел, Елустондо, Љоренте, Де ла Бела, Прието, Зубелдиа, Иљараменди (64’ Пардо), Каналес, Вилиан Хозе (60’ Баутиста), Ојаразабал (57’ Јанузај).

извор: fkvardar.mk