За време на престојот во Република Србија, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски одржа предавање на Универзитетот за уметности во Белград, на програмата за магистерски студии за Културна политика и менаџмент пред постипломци од повеќе континенти. Темата на предавањето беа новите предизвици на македонските културни политики.
Во неговото обраќање пред присутните, министерот Алаѓозовски најнапред констатираше дека состојбата со културата и културните политики низ целиот регион на Југоисточна Европа се приближно исти, имајќи ја предвид заедничката историја. Според него, Македонија избра модел на децентрализација на културата и на финансирање на културата, со тоа што сегашните намери се уште поголемо децентрализирање на националните установи на културата во Македонија и нивно финансирање од единиците на локалната самоуправа.
Министерот за култура најави големо ревидирање на Законот за култура поради преголемото нормативизирање на културата и нејзино ставање во ригидни рамки, што ќе биде проследено со голема јавна дебата. Исто така, министерот Алаѓозовски најави и отворање на националните установи на културата кон различни учесници, почитувајќи го принципот на диверзитет и интеграција и логиката на вистинска интеграција, а не досегашните тенденции на поделби на етничките интереси.
На прашање од постипломците каква е намерата за обединување на етничките поделби, министерот Алаѓозовски одговори дека градењето на довербата и еднакво општество за сите се прави преку гестови, на оперативно ниво, нешто што Македонија започна да го прави редовно.