Вршац речиси двојно подобар од АВ Охрид

Екипата на АВ Охрид го одигра третиот натпревар во АБА 2 лигата, при што го забележа и третиот пораз оваа сезона.

Во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, АВ Охрид го пречека лидерот на табелата во АБА 2 лигата – тимот на Вршац. Гостите од Вршац играа одлично на целиот натпревар, беа надмоќни и успеаа да победат со 61:111, односно првата четвртина ја добија со 18-28, втората со 14-25, третата со 18-23 и четвртата со 11-35. По овој натпревар екипата на Вршац се зацврсти на првото место од АБА 2 лигата, додека пак АВ Охрид на дното од табелата.

„Им честитаме на гостите од Вршац за оваа заслужено висока победа. Се остварија нашите очекувања дека Вршац е еден од главните фаворити во Втората АБА лига. Би сакал да и се извинам на охридската публика што присуствуваше на вака лош натпревар од наша страна. Кои се причините, објективни или не, тоа ќе го анализираме со цел да ги пронајдеме грешките. Екипата на Вршац е поквалитетна, како и тоа што ние имавме исклучително тежок натпревар во домашното првенство во Кавадарци, каде што освен на спортски терен имавме проблем и надвор од него, но освен на почетокот на натпреварот во првите три-четири минути, само во една четвртина покажавме заби. Но, кошарката се игра четири четвртини и тешко дека со една четвртина може да се добие и далеку послаб противник, а камоли ваков тим како Вршац. Ни останува да работиме напорно, дотолку повеќе што ние ја запознаваме АБА лигата, а имаме и тежок распоред, така што се надевам што побрзо ќе се навикнеме на овој ритам сабота-среда и ќе ги оправдаме вложувањата на претседателот на клубот.“ – изјави Владимир Ѓоровиќ, помошник тренер на АВ Охрид.

„Денес игравме против извонредно квалитетен тим. Пруживме отпор само во една четвртина, разочаран сум, мора да работиме подобро и посилно и да се обидеме да не загубиме повторно вака на домашен терен.“ – изјави Реми Бери, играч на АВ Охрид.

„Сигурно е дека ние сме поквалитетен тим, го сфативме натпреварот многу сериозно, пристапот ни беше исто таков, игравме многу сериозно, квалитетот е на наша страна, го покажавме тоа уште од првата четвртина и мислам дека резултатот цело време се одвиваше позитивно за нас. Им се заблагодарувам на екипата, домаќинот и на публиката, на фер и коректно однесување, поквалитетни сме во овој момент и тоа го покажавме. И посакуваме успех на екипата на Охрид во продолжението на првенството. Ние имаме високи амбиции и се надеваме дека ќе ги остварите. Немаме притисок од управата. Презадоволен сум од односот на играчите и се надевам ќе ја оствариме целта.“ – изјави Владимир Ѓокиќ, тренер на Вршац.

„Им честитам на моите соиграчи на победата, а на Охрид на фер и коректната игра. Ова ни е петта победа на официјалните натпревари, ќе продолжиме напорно да тренираме за следните натпревари во домашното првенство.“ – изјави Милан Мунижаба, играч на Вршац.

WebOhrid