Одржана прес-конференција поради некоректни новинарски прилози во кои се критикува Охрид

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески заедно со заменик министерот за економија Христијан Делев, денеска во Скопје одржа прес-конференција. Целта на средбата со новинарите од националните медиуми беше да се побијат неколкуте тенденциозни или во најмала мера некоректни новинарски прилози кои се појавија во екот на туристичката сезона, а во кои неосновано се критикува Охрид со што штетно се влијае на летната сезона во градов.

„Се почна минатиот месец со наводно скапите цени на угостителските услуги, иако истите на пример се најмалку 2-3 пати поевтини од Грција за иста класа на хотели, ресторани и кафе барови. Потоа продолжи со лошиот квалитет на услугите, однесувањето и слаба едуцираност на персоналот во угостителските објекти и хотелите. Па со концертот на Цеца, иако јасно дадов на знаење дека градот нема врска со организација на истиот, освен што ЈП „Билјанини извори“ на барање на организаторите го издаде стадионот за пари, а од друга страна ние не можеме да имаме селективен пристап при издавањето на истиот во зависност од националната припадност на изведувачите. Имавме прилози дека на некои плажи има многу водни змии, па дека Охрид се дави во ѓубре, со слики кои сигурно не беа од Охрид, иако градот за волја на вистината никогаш до сега не бил почист и со сигурност е еден од најчистите градови во Македонија“, – рече градоначалникот Бакрачески, кој изрази жалење што новинарите наместо ова, многу ретко се одлучувале да напишат текстови кои се репрезентативни за Охрид, а кои би се однесувале на мноштвото на содржини, настани и манифестации кои многукратно и разноврсно ја збогатуваат летната понуда на Охрид и го прават градот посебен, а како такви не можат да се видат никаде во цела Северна Грција па нити во други поголеми туристички дестинации во светот.

„Ретки беа прилозите (и тоа најчесто кратки и информативни) за настапите и перформансите на бројните и врвни уметници од највисока светска класа на „Охридско лето“ во делот на музиката, театарот, операта и балетот, (кој трае дури 40 дена во летото), за Балканскиот Фестивал на народни песни и игри, за Фестивалот на Францускиот филм, за поетските читања во околината на Охрид, за претстојниот најголем собир на поетите од светот „Струшките вечери на поезијата“ (кој дел се одржува во Охрид), за 250-те археолошки локалитети кои ги има во Охрид и околината, за стотиците цркви, за галериите на икони и уметничките галерии, за традиционалните занаети и изработката на ракотворби, за уникатниот Охридски Бисер, природните убавини меѓу кои и планината Галичица, за убаво уредените плажи, за забавните, рекреативните и спортските содржини со кои обилува градот, а ги има за сите возрасти. Пред неколку дена во Охрид заврши светското ракометно првенство за кадетки, за десетина дена е Охридскиот пливачки маратон кој е дел од ФИНА серијата“, – додаде градоначалникот Бакрачески, потенцирајќи дека не смееме по секоја цена па дури и на штета на Охрид да го поттикнуваме и поддржуваме туризмот во другите држави.

„Се разбира, Охрид има и недостатоци и мани и грешки во организацијата на летната сезона, на кои ние интензивно и напорно работевме изминатата година, а ќе работиме и во иднина на нивно надминување. Коректните, основани и избалансирани критики не само што ги прифаќаме туку истите се корисни за нас и ни служат како водич и патоказ од кој ние учиме како да ги поправиме грешките и да ги елиминираме недостатоците. Од друга страна свесни сме дека, убавите острови, топлата и чиста вода, добрата храна во рестораните во соседството се нешта кои ние и нашите граѓани го бараат и тоа го почитуваме. Но, да се потценуваат и плукаат вистинските културни, духовни, историски и природни вредности на Охрид, градот кој ние го сакаме, во најмала мера е жалосно“, – додаде Бакрачески.

Заменик-министерот за економија, Христијан Делев, истакна дека Владата и Министерството за економија работат посветено за развивање на туризмот на Охрид со разни програми и поддршка на културни настани. Тој посочи дека Владата планира и инфраструктирни проекти со цел Охрид да стане поатрактивна туристичка дестинација. На крајот од прес-конференција градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески посочувајќи дека Охрид не е само на охриѓани туку и на сите Македонци, упати апел и најљубезно ги замоли новинарите за коректен и избалансиран пристап во известувањата за Охрид особено кога истите се случуваат во летната туристичка сезона.