Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доби потврда дека и во 2018 година, Европската унија, парично или со вакцини, ќе ја поддржи Република Македонија во преземање на активностите за справување со болеста Јазлеста кожа. Потврдата за поддршка од Унијата, АХВ ја доби на петтиот работен состанок на Постојаната експертска група за Јазлеста кожа за Југоисточна Европа, кој минатата недела се одржа во Будва, Република Црна Гора на кој присуствуваа експерти од Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, oрганизацијата за земјоделство и храна при Обединетите Нации – ФАО, сите земји од регионот, земји членки на ЕУ кои граничат со регионот, како и претставници од Турција, Украина и Русија.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов и стручни лица од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните од Агенцијата, на состанокот ја презентираа актуелната состојба со болеста Јазлеста кожа во земјава и мерките кои се преземаат за да се спречи нејзиното ширење.
Имајќи во предвид дека Јазлестата кожа е актуелен регионален проблем, учесниците на состанокот се согласија дека координираната масовна вакцинација на говедата се уште е најефикасна мерка за контрола на болеста и дека таа во Југоисточна Европа успешно се реализира и оваа година.
Во оние државите каде што вакцинацијата е успешно спроведена, констатирано беше на состанокот, спречено беше ширење на болеста, но, и покрај високата покриеност со вакцинација во Југоисточна Европа, вирусот на Јазлеста кожа, за жал, се уште е присутен во регионот и може да предизвика спорадични епидемии кај добитокот и ширење на болеста во области каде има недоволна покриеност со вакцинација.
Од состанокот произлегоа препораки за земјите кои се уште не завршиле со вакцинација тоа да го сторат во најкус рок, односно најдоцна пред почетокот на април кога почнува активноста на векторите, што се смета за почеток на новата сезона со висок ризик за појава на оваа болест. За да се спречи евентуалното повторување или ширење на болеста, клучна останува имплементацијата на регионалната стратегија за вакцинација за 2018 година и почитувањето на препораките да се набават доволни количини вакцини во случај на вонредна состојба. За земјите кои воспоставиле зони со или без вакцинација, препорачано беше да обезбедат правилна контрола на движењето на животните во зоните.
Размената на информации меѓу земјите во регионот за подготвеноста, контролата на појавата на болеста, исто така е од суштинско значење во насока на подобра координација на мерките кои се преземаат за распределување на расположливите ресурси за справување со болеста. Земјите од Југоисточна Европа, кои се погодени од оваа болест или се изложени на ризик, препорака од состанокот е да соработуваат во рамки на Постојаната експертска група за Јазлеста кожа за Југоисточна Европа и заеднички да креираат регионални насоки и стратегија за справување со болеста за 2018 година врз основа на искуствата кои ги имале земјите од регионот во претходните години, земајќи ги во предвид најновите научни сознанија од оваа област и препораките на Светската организација за здравствена заштита на животните.
Агенцијата за храна и ветеринарство идната година ќе биде домаќин на следниот работен состанок на оваа експертска група.