Италијански компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

Италијански компании се заинтересирани за  инвестиции во  инфраструктурата и енергетиката во Македонија. Ветуваат  поддршка за реализација на проектите и преку европските ИПА фондови.

Детали за проектите во тие области денеска пред претставници на 30 компании од Италија, организирани од Италијанскиот институт за надворешна трговија, претставија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески  и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

„Разговараме за инфраструктурата и енергетиката, сектори во кои македонската Влада има амбициозни проекти за инвестиции и сето тоа ќе понуди позитивно сценарио и за италијанските бизнисмени. Многу важен  момент е да воочиме како да ја подобриме соработката“, рече во обраќањето на бизнис форумот, Цинчиа Бруно, директор на Агенцијата за промоција во странство и интернационализација на италијанските копании ИЧЕ во Скопје.

Клучни  проекти за инвестирање и соработка со италијанските бизнисмени, според министерот Јанакиески, се изборот на концесионер за автопатските делници Гостивар-Кичево и Скопје – Блаце и претстојната гасификација на скопскиот регион.

„Неопходна е голема поддршка од страна на Република Италија за добивање поволни средства за изградба на Коридорот 8 и тој да биде еден од приоритетите на ЕК“, нагласи министерот Јанакиески.

До јуни очекува да биде распишан повик за избор на концесионер за автопатската делница Гостивар-Кичево, дел од Коридорот 8. Во проектот за тој автопатот, во должина од 42 километри, Владата ќе учествува со субвенции бидејќи нема доволен број возила. До јуни, најави, треба да биде распишан  повик и за концесионер за  автопатско поврзување на Македонија со Косово, во должина од 13 километри.

Во тек е, посочи Јанакиески, и изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид, како и автопатската делница Демир Капија – Гевгелија.

Италијанските компании, како што рече, можат да учествуваат на повикот за изградба на 250 километри примарна дистрибутивна мрежа за гасификацијата, што трае до 26 мај.

„Стапката на профит е многу висока и очекувам дека ќе има огромен интерес од компаниите. Веќе голем број компании се  јавуваат со прашања за детални информации. Има интерес од компании од  повеќе  земји од Европа и надвор од неа. Концесијата е за период од 20 години“, рече Јанакиески.

Амбасадорот на Република Италија во Скопје Ернесто Масимо Белели  истакна дека Македонија е држава  која се развива, со добри можности и даночна политика, што е добра основа за присуство на италијански инвестиции.

„Италија е со можности за соработка во сите области. Одлучивме да се насочиме на презентација на инфраструктурата и енергетиката, сектори во кои Македонија инвестира многу. Италија ќе и помогне на Македонија да го зголеми користењето на ИПА фондовите од ЕУ во транспортот“, изјави амбасадорот Белели.