Продолжен рокот за конкурсите за упис на филмската акадeмија

Рокот за конкурсите за упис на филмската академија се продолжува до крајот на оваа недела, односно 11ти октомври, со цел да се даде можност на дополнителен број на студенти да ги комплетираат документите и да аплицираат, истакна денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Избраните кандидати ќе добијат целосна стипендија од страна на МОН, која ги покрива трошоците за студирање, сместување, исхрана… Има апликации и од домашни и од странски кандидати.

Како резултат на повеќегодишната соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Владата на Чешката Република и ФАМУ – престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага, од академската 2015/2016 година, во градот Охрид започнува со работа Институтот за филм – Филмска академија Охрид.

ФАМУ е петтата најстара филмска школа во светот, која позади себе брои влијателни режисери и сценаристи, добитници на Оскар и лауреати на меѓународни филмски фестивали, како македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.

Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денеска информираше дека поради заинтересираноста, уписите се продолжуваат до крајот на оваа недела, односно до 11 октомври.

„Филмската академија во Охрид е еден од најпрестижните проекти кои што успеавме да ги реализираме со поддршка на Филмската академија од Прага. Навистина сум многу задоволен од интересот кој што постоеше во процесот на апликација кој де факто заврши во текот на вчерашниот ден. Меѓутоа со одлука на Бордот на Филмската академија во Охрид и професорите кои што доаѓаат Чешка, би сакал да информирам дека рокот е продолжен до 11 октомври, бидејќи имаше студенти кои што не стигнаа да комплетираат документи а имаа интерес да се запишат на една од двете катедри: сценарио или продукција“, подвлече Ристовски.

Со цел да им се овозможи на најдобрите кандидати, без разлика на финансиската состојба, да студираат на Институтот за филм, Министерството за образование и наука ќе додели дваесет целосни стипендии за студентите кои ќе се запишат на постдипломските студии. За стипендија можат да аплицираат кандидати од Република Македонија и од странство.

„Во оваа прилика апелирам до сите студенти во Македонија и во регионот кои што сакаат да се запишат односно да го продолжат своето последипломско студирање на оваа академија да ја искористат можноста да аплицираат“, додаде Ристовски.

Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага.

Наставниот кадар на Институтот за филм – Филмска академија Охрид освен редовните, ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага, што ќе им овозможи на идните студенти да учат директно од едни од најдобрите професори во областа.

Уписите се вршат со пополнување на електронска пријава преку веб страната www.filmacademyohrid.com. По завршувањето на рокот за електронско пријавување, врз основа на обработка на пристигнатите апликации и интервјуа со кандидатите, стручен тим на оваа високо образовна установа ќе изврши и соодветна селекција на идните студенти.

За да се квалификуваат за стипендирање, кандидатите најпрво треба да го поминат селекциониот процес за упис на Институтот, а потоа кандидатите чијашто пријава ќе биде прифатена од Институтот, целокупната потребна документација наведена во конкурсот за стипендирање, како и формуларот за аплицирање, кои се објавени на специјализираниот портал за доделување стипендии – www.stipendii.mon.gov.mk, ги поднесуваат во просториите на министерството.

Академската година за избраните и стипендирани постдипломци ќе започне во месец ноември.

Сите подетални информации за Институтот за филм – Филмска академија Охрид, студиските програми, наставниот кадар и условите за студирање и стипендирање, можат да се обезбедат на веб страницата www.filmacademyohrid.com.