Македонија 0:2 Украина

Македонската фудбалска репрезентација денес го одигра претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2016 кое ќе се игра во Франција. На Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, Македонија претрпе пораз 0:2 од Украина.

Во првото полувреме се играше претпазливо. Поради повреда во 22 минута играта ја напушти Ферхан Хасани, а на негово место во игра влезе Бесарт Абдурахими. Иако имаше шанси на обете страни, на полувреме се замина без голови.

Во второто полувреме Украина тргна поофанзивно. Томе Пачовски спречи неколку обиди, но само до 59 минута кога Селезњов од пенал успеа да го отвори резултатот. Следуваа измени во нашиот состав. Во 64 минута на местото од Блаже Илијоски влезе Мирко Ивановски, а во 79 на местото од Стефан Ашковски влезе Илија Несторовски. Но, ниту замените не донесоа ништо ново. Украина го зачува водството и преку Краветс во 87 успеа да зголеми на 0:2 со што ја осигура победата на овој натпревар.

Во групата Ц, по девет одиграни натпревари Шпанија е на првото место со 24 бодови, второто место го делат Словачка и Украина со по 19 бодови, потоа следуваат Белорусија со 10, Луксембург со 4 бодови, додека пак Македонија е на дното со само 3 бодови.

Следниот натпревар Македонија ќе го игра во гости против Белорусија на 12 октомври (понеделник) со почеток во 20:45 часот.

WebOhrid/фото: МРТ