Груевски се сретна со европарламентарците

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, синоќа (вторник, 12 февруари 2013 година) оствари средба со пратениците од Европскиот парламент г-дин Јержи Бузек, поранешен претседател на Европскиот парламент и поранешен премиер на Република Полска, г-дин Туне Келам, поранешен претседател на Парламентот на Република Естонија, г-дин Мирослав Миколашик од Република Словачка и  г-дин Ласло Токес, од Република Романија, поранешен потпретседател на Европскиот парламент.

На средбата се дискутираше за реформите и модернизацијата кои се спроведуваат во нашата земја, актуелните политички и економски состојби и за европските интеграции на Република Македонија.

Премиерот Груевски ги истакна реформите кои ги реализира Владата во насока на достигнување на европските стандарди, и силната посветеност за остварување на европските интеграции. Беа акцентирани значајноста и придобивките од Пристапниот дијалог на високо ново кој се води помеѓу нашата земја и Европската Унија, како и високите оценки и вреднувања на остварениот напредок на Република Македонија кои беа констатирани во Извештајот за напредок на Европската Комисија. Премиерот Груевски се заблагодари и на личниот ангажман и посветеноста на европските претставници за промоција на интересите на Република Македонија, и изрази и благодарност и почит за принципиелната поддршка која Европскиот парламент и ја дава на нашата земја во процесот на развојот и европските интеграции. Беа опфатени и теми за надминување на предизвиците на патот на европските интеграции, при што Претседателот на македонската Влада ја изрази нашата иницијативност и посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи.

Од страна на европските парламентарци беше истакната силната поддршка која тие лично, но и како институција Европски парламент ја овозможуваат за реализацијата на нашите стратешки определби, при што беше потенцирано дека таа поддршка ќе продолжи и во идниот период, и дека Европскиот парламент ќе продолжи да се залага и силно да поддржува почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија, а тие лично ќе продолжат со интензивно лобирање и промоција на нашите државни интереси. Европарламентарците високо ги оценија реформите кои ги презема Владата за унапредување на состојбите во сите општествени сфери.

Соговорниците разговараа и за политичката состојба во земјата, при што се согласија дека бојкотот на Собранието од страна на одредени политички партии не е добар пристап и не придонесува за развојот на земјата и дека сите политички субјекти треба да покажат посветеност и одговорност во своето политичко дејствување, а политичкиот дијалог треба да се остварува во рамките на институциите на системот.

Стана збор и за понатамошното продлабочување на односите на соработка помеѓу Република Македонија и институциите на Европската Унија, со фокус на понатамошно интензивирање и динамизирање на односите со Европскиот парламент.