Охриѓанка со фалш платежна картичка за наводен закуп на апартман извлекла над 25.000 евра

Единицата за компјутерски криминал при Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Л.М.Ш. (64) од Охрид, македонска државјанка, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело – “изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

Пријавената со намера да се стекне со противправна имотна корист, употребила податоци од вистински платежни картички од странски државјани, кои претходно ги набавила, при што во мај минатата година од продажно место во Охрид (односно апартман во сопственост на пријавената),  преку гласовна авторизација во домашна банка извршила 24 нелегални трансакции од кои 12 успешни, со што нелегално се стекнала со парични средства во вкупен износ од 1.564.150 денари (или околу 25.400 евра). Пријавената имала склучено договор со банката за реализација на трансакции без картичка, односно со гласовна авторизација, а со намена за резервација на апартмани за  престој на туристи.

Имено, таа по претходен договор со лице – британски државјанин, на нејзина е-маил адреса добила нелегално обезбедени податоци од вистински платежни картички на странски државјани, по што преку гласовна авторизација во домашна банка извршила нелегални трансакции на име на британскиот државјанин за наводен закуп на апартмани за престој на групи туристи од Велика Британија. Од страна на странската банка издавач на картичките е доставено известување до домашната банка, за злоупотреба на реализираните трансакции, по што истите ја известиле пријавената дека се работи за спорни трансакции. Меѓутоа, пријавената и покрај известувањето ги подигнала паричните средства од нелегалните трансакции во вкупен износ од 1.564.150 денари.

Од преземените мерки и активности и извршени проверки преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Интерпол Германија утврдено е дека пријавената дел од стекнатите парични средства вкупно 11.395 евра ги префрлила преку банкарски трансфер на сметка во Германија, а остатокот од 14.038  евра ги задржала за себе.