Поддршка на проекти за развој на иновации и претприемништво

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерот за образование и наука, г. Панче Кралев и министерот за економија, г. Ваљон Сарачини.

На средбата, претседателот Иванов беше информиран за процесите на подготовка на проектите од заемен интерес и надлежност на ресорните министерства, кои се поддржани од македонскиот претседател, во областа на иновациите, претприемништвото, обновливи извори на енергија, како и за тековните подготовки на проектот „Технолошки Паркови”.

Во овој контекст, претседателот Иванов, министерот Сарачини и министерот Кралев, ја потенцираа потребата од усогласување на правната рамка во насока на обезбедување на полесен пристап до фондовите на Европската унија, наменети за поддршка на иноваторството. Воедно, беа разменети мислења и информации за можностите за унапредување на условите за стекнување на меѓународни студентски стипендии.

Претседателот Иванов ги поздрави иницијативите за поттикнување на образовниот и професионален потенцијал во нашата земја и воедно истакна дека едуцираниот кадар кој е подготвен да спроведува применливи научни истражувања е неопходен за обезбедување раст на економијата и целокупен напредок на општеството.

Во таа насока, претседателот Иванов ја посочи и востановената традиција на доделување на признанието „Најдобар млад научник”, преку која Претседателот континуирано ги поттикнува младите научници од различни сфери да дадат свој научен придонес во развојните текови на нашата земја, како и проектот „Претприемништво”, чија цел е поттикнување на претприемачкиот дух кај младите.