Министерството за информатичко општество и администрација ќе го изготви новиот Закон за управување со квалитетот и воведување на заедничка рамка за проценка во државната служба. Една од активностите којашто произлегува од програмата за работа на Владата на Република Македонија е воведување на ИСО 9001,2008 стандардот, како и Заедничката рамка за проценка на квалитетот (CAF).
„Целта на законот е воведување на меѓународни стандарди кои ќе обезбедат подобар квалитет на услугите во државната служба. Владата формира Координативно тело составено од претставници на државната служба, со цел да се следи акциониот план за воведување на стандардите. Административно-техничките работи за потребите на тоа тело ќе ги врши Министерството за информатичко општество и администрација“. – рече на прес-конференција министерот Иво Ивановски.
Тој додаде дека во државните органи ќе се утврдат работни места кои ќе го координираат процесот, а Државниот управен инспекторат ќе врши надзор над спроведувањето на овој закон.
„Ги повикувам граѓаните почнувајќи од 20 февруари, среда, да дадат свои коментари на предлог-законот преку веб порталот ЕНЕР www.ener.gov.mk, со цел нивните предлози да бидат вклучени кога ќе се разгледува законот во работните тела на Владата“. – соопшти министерот Ивановски.
МИОА на 1 декември 2011 година, започна со воведувањето на Заедничката рамка за проценка која заврши во јуни 2012 година, при што 13 вработени се стекнаа со сертификати, способни за имплементација и во други институции. Министерството паралелно работеше и на ИСО стандардот и е првата институција во земјата која ги поседува двата сертификата. Владата ги задолжи и им препорача на другите институции да го воведат ИСО стандардот за квалитет, а МИОА да го следи напредокот на институциите во тој процес.