Се уште е рано да се каже колкав дел од земјоделските површини уништија поплавите што ја зафатија Македонија.
„Немаме податоци за штетите, многу е краток периодот. Некои површини уште се под вода. Треба да се „исцедат“ по што ќе се прави проценка“, рече ресорниот министер Љупчо Димовски по денешната работилница за финансирање и осигурување во земјоделството.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој изрази надеж дека ако не продолжат временските неприлики, земјоделците ќе најдат начин да го обноват производството со оглед дека е почеток на вегетативната сезона.
Минатата година Министерството за земјоделство исчисти 72 километра каналска мрежа, сите каналски правци што беа дефинирани. Оваа година ќе се исчистат уште 110 километри во повеќе региони, како и најкритичните точки главно во Пелагонискиот регион.
Според Димовски, при интензивни врнежи дожд, град, снег, за само 24 часа не може да се апсорбира целата вода, невозможно е да се прифати и дистрибуира во речните корита.
„Во изминатиот период се исчистени над 450 километри каналска мрежа, а има два вида, за наводнување и одводнување. Во источна Македонија канали за одводнување нема. Во случајов, станува збор за нешто што многу ретко се случува, но е голема опомена да се преземат превентивни чекори. Енормна количина вода се собра за многу кратко време што беше надвор од сите очекувања“, нагласи министерот.