Министерката Јанкулоска се сретна со шефот на ОДИХР Аренс

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера се сретна со шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР Герт Аренс со кого размени мислења околу претстојните избори и ингеренциите што ги има Министерството.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, шефот на мисијата на ОДИХР пројави интерес околу издавањето на биометриските документи, како и состојбата со Ромите,  односно дали тие се соочуваат со посебни проблеми при вадењето на документите. Од страна на министерката Јанкулоска беше посочено дека најголем дел од населението веќе има нови лични документи со кои може да го оствари правото на глас и дека управните служби на МВР работат со полн капацитет и зголемена динамика за да им излезат во пресрет на сите заинтересирани граѓани.

Аренс, како што се наведува во соопштението, покажал посебна грижа околу најавите за „активен бојкот“ и неговото значење. Ставот на Министерството, кој му беше пренесен во овој контекст, гласи дека секој има право да ги бојкотира изборите, но нема никакво право да го узурпира правото на глас кое што го имаат останатите граѓани на Република Македонија. Во таа насока беше потенцирано дека МВР ќе ги ангажира сите капацитети да спречи какви било закани или инциденти, овозможувајќи им на граѓаните да го остварат своето демократско право и да ги изберат своите локални власти. Заради настанатата ситуација не е исклучено да има одредени изолирани инциденти или провокации во обид да се наруши легитимитетот на изборниот процес.

Како пример беше посочено и пишувањето на неколку медиуми блиски до опозицијата кои инцидентот на партиската конвенција се обидоа да го стават на товар на МВР. На шефот на мисијата на ОДИХР му беше посочено дека двете лица кои присуствувале на конвенцијата во неделата и учествувале во нападот на член на СДСМ во моментов се наоѓаат на боледување, кое што веројатно го злоупотребуваат. Тир биле приватно, односно по сопствена желба на партиската конвенција, а не на задача. Без разлика дали станува збор за внатрепартиски недоразбирања или други мотиви, по нив се трага и против нив ќе бидат процесуирани соодветни пријави.

На состанокот било посочено дека МВР веќе формираше Оперативен штаб задолжен за подготовките и ативностите кои ќе следат во предизборниот период и на денот на изборите и беше понудена отворена соработка во секој момент, се вели во соопштението.