Спречен обид за транспорт на дрога од Македонија во Австрија

Еден килограм и 700 грама опојна дрога Марихуана, се пронајдени и одземени при полициска акција извршена вчера околу 16 чaсот и 30 минути на магистралниот пат Охрид-Струга.

Акцијата, синхронизирано и координирано ја изведоа полициски инспектори од СВР Охрид и полициската станица во Струга со што успешно беше спречен обид за транспорт на дрогата од Македонија во Австрија. Марихуаната е пронајдена кај лицето Б.Б. (19) од струшкото село Богојци залепена околу неговото тело во 8 засебни опаковки со различна тежина.

Со намера марихуаната да ја предаде на лице во Виена, сега приведениот Б.Б.  се одлучил на автобуски превоз како најбезбеден и несомнителен за транспорт. Тој од Струга тргнал вчера во 16 часот со автобус марка „Сетра“. На излезот од Струга,  автобусот со струшки регистарски таблици бил сопрен од полициска патрола по што извршена е идентификација и преглед врз лицето Б.Б. Притоа, кај него пронајдени се осумте опаковки со Марихуана облепени со бела селотејп трака во пределот на стомакот. Истиот имал задача, опојната дрога Марихуана, претходно набавена од Република Албанија, да ја пренесе до Виена за натамошна продажба на австрискиот нарко пазар.

Во набавката на Марихуаната биле вклучени уште две лица, првиот македонски, а вториот албански државјанин. Тие, за разлика од сега приведениот Б.Б.  и се добро познати на службата како сторители на казнени дела. СВР Охрид и полициската станица од Струга, преземаат натамошни мерки за нивно пронаоѓање, по што против сите три лица ке биде поднесена кривична пријава.

Инаку, пред крајот на минатата година, на овој патен правец во близина на селото Мислешево во полициска акција беше пресечен нарко канал кој резултираше со пронаоѓање на 160 килограми марихуана набавена од Република Албанија наменета за нарко пазарот во Република Македонија и Република Австрија.

marihuana2