Кандидатски листи ќе се поднесуваат до 8-ми март

Собранието на Република Македонија, вчера со 84 гласа „за“ и еден „против“ ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик, по итна постапка, со кои се продолжува рокот за доставување кандидатски листи за советници и градоначалници за уште пет дена, односно се определува дополнителен рок до 8-ми март за поднесување листи од страна на регистрирани политички партии или коалиции.  

Предлогот на законот беше предложен од пратениците од најголемите пратенички групи во Собранието. Претходно, потребата за донесување на предлог-законот ја образложи кординаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева.

Бонева рече дека е постигнат договор да нема предвремени парламентарни избори, да нема одложување на локалните избори, се со цел да се врати нормалниот политички живот и Република Македонија да продолжи нормално да чекори кон ЕУ.