Фатени рибокрадци од Албанија

Три лица албански државјани, вчера се приведени при незаконит риболов во водите на Охридското Езеро. Во акцијата на охридската полициска станица за граничен надзор, во македонските територијални води  во близина на селото Трпејца, во незаконит риболов затекнати се: Д.Д. (20), Н.Д (20) и А.А. (44) сите од Поградец.

Истите, вчера околу 13 часот нелегално ја преминале водената гранична линија на македонско-албанската државна граница и на околу 3 километри на македонска територија отпочнале незаконит риболов со ловни мрежи и метални канџи.

Забележувајќи го полицискиот глисер, тројцата рибари  од нивниот пловен објект успеале да ги отпуштат и  да се ослободат од рибарските мрежи. Притоа, во водите исфрлиле и поголема количина уловена риба. И покрај обидите, полициските службеници и рибочуварите од концесионерот „Охридска пастрмка 2012“ не успеаа да ги обезбедат рибарските мрежи.

При извршениот преглед, во пловниот објект на рибарите од Поградец беа пронајдени 37 парчиња охридска белвица во различна димензија и тежина, две метални канџи и друга рибарска опрема. Овие предмети, заедно со пловниот објект се одземени.

Против тројцата албански државјани, ќе биде поднесена кривична пријава за незаконит риболов.