Сè уште постои синдикат и синдикално дружење, но постои и посебно синдикално внимание од посилните членови – колегите, кон поубавите – колешките, особено на ден како што е овој празник на жените и на мајките. Прекрасен пример за едно такво убаво дружење и празникување е и Синдикалната Организација на СОНК при училиштето „Ванчо Николески“ во Лескоец.
Токму таму денешниот осмомартовски ден започна со мала свеченост и едно мало внимание од синдикалниот лидер, професорот Димче Донески, кој на сите свои 45 колешки членови, па дури и на оние тука вработени кои сè уште не се зачленети во СОНК, им подари по едно свежо саксиено цвеќе- примула, со што и симболично им го честита Празникот на Жената и на Мајката, со желби за убав ден, среќна иднина и професионален успех и напредок, како и со порака да бидат единствени и сложни како синдикалци за побрзо и поефикасно да ги остварат своите синдикални права и да ги вратат на повисок пиедестал вредностите на професионалното учителско достоинство.
„Ви посакувам убав ден, среќен ден, нов љубовден и многу успех на професионален план, а како Ваш синдикален лидер, уште еднаш Ве повикувам и Ве охрабрувам, сите свои права и сите свои забелешки по однос на работата и наставната практика да ги евидентирате и да ги доставите храбро и достоинствено онака како што достоинствено и посветено секојдневно сте простум пред своите ученици и пред своите дневни обврски“. – им порача нивниот колега-професорот Димче Донески, синдикалниот лидер на СОНК при училиштето во Лескоец.
Наставничките (и машкиот дел од колективот) од училиштето „Ванчо Николески“ работно се распоредени во едно централно (Лескоец) и три подрачни училишта (Косел, Куратица и Вапила) каде е потребно уште многу да се вложува за да имаат современи и непречени услови за поефикасно одвивање на воспитно-образовниот процес. Имајќи ја предвид ангажираноста на директорката Лилјана Вревезоска и упорноста на синдикалниот лидер, како и цврстината во праведните и оправдани синдикални барања, вработените во училиштето веруваат дека условите континуирано ќе се подобруваат, а со тоа ќе се зголеми мотивираноста на наставниците што ќе значи подобар успех на учениците.