„Иако Охрид несомнено ги има сите предиспозиции да биде високо на листата на места кои нудат одредени видови на здравствена нега, од типот на „medical spa & wellness“, т.н. дентален туризам, третман на гојазност, кардиорехабилитација и.т.н., воопшто не постои на мапата на овој вид на туристичка понуда. За жал, изгубен е чекорот и со соседите како Србија, Бугарија, Грција, Турција кои последниве години прават значајни напори и се пробиваат успешно на овој пазар“. – истакна на денешната прес-конференција кандидатот за советник од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Коњановска.
Како што кажа Коњановска, еден од проектите на програмата на нивниот кандидат за градоначалник е и изградба на нови и приспособување на постојните објекти за здравствен туризам во близина на езерото.
„Новата локална самоуправа веднаш ќе иницира координирани активности на туристичките работници, давателите на здравствени услуги и професионалци од областа на осигурувањето, за започнување на активности за стекнување со потребните меѓународни сертификати кои се неопходни за Охрид да стане сериозна дестинација за овој специфичен тип на туристи. Ова е особено значајно во рамките на заложбите за продолжување на туристичката сезона“. – рече Коњановска.
„Геоклиматските карактеристики, природните убавини, историското богатство се наша огромна компаративна предност, но во случајот на здравствен туризам само при претходно исполнети строго дефинирани услови, за кои сме сигурни дека се остварливи. Новата локална самоуправа има јасно дефинирана стратегија и подготвена е да биде клучен фактор во координирањето на сите чинители кои ќе бидат дел од здравствено туристичката понуда“. – додаде Коњановска.
На крајот Коњановска кажа дека како кандидати на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се единствени и дека цврсто застануваат зад проектите кои поддржуваат развој на здравствен туризам во Охрид, како и подготвени се да ги поддржат одлуките кои ќе водат во овој правец поддржани од новиот градоначалник.
„Нема да дозволиме пасивност по ова прашање затоа што тоа е интерес на Охрид и на граѓаните и тоа ќе отвори едно сосема ново лице, убаво лице на Охрид. Заради тоа ја бараме поддршката на нашите сограѓани за да можеме да ги реализираме овие проекти и дела. Немаме намера да стоиме и гледаме како Охрид ни пропаѓа заради нечија неактивност, незнаење или неодговорност“. – нагласи Коњановска.