Препознатливиот дел од Охридското Езеро и од градот Охрид треба да добие лик, функција и организација како што доликува на една современа туристичка дестинација. Развојот на Охрид почива на услугите кои ги дава во туризмот и како таков треба да има локации, објекти кои што ќе ги чинат визуелните перцепции на туристите и останатите луѓе кои што доаѓаат во градот, изјави денес кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески, на Градското пристаниште пред Капетанијата.
„Во таа насока направивме во изминатите неколку месеци, јас како кандидат за градоначалник, делот од мојот тим, советниците и капетанот заедно со неговите работници направивме максимални напори да добиеме финансиска поддршка од државата за реализизација на еден храбар проект, реконструкција и модернизација на градското пристаниште. Успеавме во тоа, наидовме на една силна поддршка и денес можам со задоволство да ви кажам дека најголем дел од активностите кои беа предвидени во нашиот план и проект за модернизација на ова градско пристаниште се веќе во завршна фаза“. – рече Бакрачески.
Како што истакна Бакрачески, тој како градоначалник и советот, во иднина може и треба да соработува со државата и државните институции во насока на реализација на општите интереси на градот.
„Токму на ова место ќе изникне едно современо градско пристаниште кое што ќе биде потполно реконструирано, ќе се изградат сите инфраструктурни потреби за тоа нормално да функционира, ќе ги има сите потребни инсталации, ќе се догради еден крак на левата страна спрема старото пристаниште, ќе се направат заштитници за бранови и ова пристаниште конечно ќе добие нов и современ изглед“. – потенцираше д-р Бакрачески.
Бакрачески рече дека Охрид и понатака заедно со него како иден градоначалник ќе има јасно одредена стратегија во своите преговори, јасно утврдена дипломатија во преговорите, разговорите и умешност со државните институции каде што секој проект, секоја заложба како општ интерес на Охрид ќе мора да наиде на разбирање од државните органи и тој е единствениот начин на кој што проектите можат да се претворат во дела.