Директорот на Царинската управа, г-н Ванчо Каргов и генералниот директор на Царинската управа на Црна Гора, г-н Владан Јоковиќ во името на владите на двете држави, денес (13.03.2013 година) потпишаа Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора за соработка и взаемна помош по царински прашања. Потпишувањето се случи во Херцег Нови, Црна Гора во рамки на билатералната средба на претставници на двете Царини.
Со оваа Спогодба се промовира соработка помеѓу двете царински служби и се создава правна рамка за да се обезбеди правилна примена на царинското законодавство, особено за спречување, откривање, борба против измами и истраги поврзани со царински прекршоци, преку размена на информации и взаемна помош, се со цел да се обезбеди правилна пресметка на царинските давачки, даноци и други давачки, точно определување на тарифното распоредување, вредноста и потеклото на стоката, превземање на мерки со што се олеснува и забрзува движењето на патници и протокот на стока, како и размена на техничко искуство заради унапредување на работата на царинските органи.
Делегација на Царинската управа на Република Македонија во периодот од 14-15 март 2013 година во Дубровник, Хрватска, учествуваа на Семинар на високо ниво чија тема се предизвиците од областа на Царина на земјите кандидати за членство во ЕУ.
На семинарот, организиран од страна на Европската Комисија во рамки на Програмата Царина 2013, ќе учествуваат високи претставници на земјите членки на Европската унија, Хрватска и земјите кандидати за членство и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, како и генералниот секретар на Светската царинска организација.
Покрај разгледувањето на статусот на имплементација на заклучоците од Семинарот во Брдо за царинските блупринти и спроведувањето на законите поврзани со заштита на правата од интелектуална сопственост, делегатите ќе ги утврдат активностите поврзани со развојот на е-Царина, олеснување на трговијата преку партнерство со деловната заедница и развој на административниот капацитет и структура – управување со промени.
Во рамките на семинарот, Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов ќе ги претстави приоритетите на Република Македонија во рамките на овогодишното претседателство со ЦЕФТА Подкомитетот за царина и потекло на стоки.
Царинската управа на Република Македонија во рамките на претседавањето со ЦЕФТА Подкомитетот за потекло, ќе организира повеќе состаноци на подкомитетот, експертски состаноци и обуки, со цел продлабочување и проширување на царинската соработка помеѓу царинските управи на земјите членки на ЦЕФТА 2006.