Средба на претседателот Иванов со шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со амбасадорот Герт Хајнрих Аренс, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија има капацитет да спроведе фер и демократски избори и дека македонските граѓани поседуваат голема политичка свест и зрелост да придонесат во реализација на такви избори. Република Македонија тоа го има и докажано во изминатиот период и не постои ниедна причина да не биде така и на претстојните локални избори, дополни претседателот Иванов.

Посочувајќи дека спроведувањето на изборниот процес е еден од клучните критериуми за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, претседателот Иванов изрази очекување дека изборниот натпревар ќе биде регуларен и конструктивен и ќе претставува борба на предлози и идеи, а не само борба за локална власт.

„И сега како и на претходните изборни циклуси, сакам да предупредам дека секој оној што нема да ги почитува воспоставените правила и законски норми за одржување на фер и демократски избори, ќе се соочи со најстрогиот можен институционален одговор”, потеницираше претседателот Иванов.

Двајцата соговорници се согласија од потребата сите чинители во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со безусловно почитување на законските прописи, како и во согласност со достигнатите демократски придобивки, водејќи сметка за државните и за интересите на граѓаните.

На средбата беа разменети мислења и околу неодаманешните политички случувања, при што македонскиот претседател изрази задоволство од позитивниот однос на лидерите и на власта и на опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати повторно на дневен ред во Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со ОБСЕ и истакна дека високо ги нивните активности во Република Македонија, како и личниот ангажман на амбасадорот Аренс.